1 „Зашто царството небесно прилега на домаќин, кој излегол наутро рано да изнајми работници за своето лозје.
2 Па, штом се спогоди со работниците по денариј на ден, ги прати во лозјето свое.
3 Потоа, кога излезе околу третиот час и виде други како стојат на пазариштето без работа,
4 им рече: ‚Одете и вие во моето лозје, па што е право, ќе ви дадам.‘ И тие отидоа.
5 Пак излезе околу шестиот и деветтиот час и направи исто.
6 А околу единаесеттиот час одново излезе и најде други, како стојат без работа, и им рече: ‚Зошто стоите тука цел ден без работа?‘
7 Тие му рекоа: ‚Бидејќи никој не нѐ повика.‘ А тој им рече: ‚Одете во моето лозје. И што е право ќе добиете‘.
8 А приквечер, господарот на лозјето му рече на својот настојник: ‚Повикај ги работниците и плати им, почнувајќи од последните па до првите.‘
9 И дојдените околу единаесеттиот час добија по денариј.
10 А кога дојдоа првите, помислија дека ќе примат повеќе; но и тие добија по денариј;
11 и штом добија, негодуваа против господарот
12 и велеа: ‚Овие последните работеа еден час, а ти ги изедначи со нас, што ја претрпевме тежината на денот и жегата.‘
13 А тој им одговори и му рече на еден од нив: ‚Пријателе, не те онеправдувам: нели се погоди со мене за денариј?
14 Земи си го своето и оди си; и на овој последниов, сакам да му дадам колку и тебе;
15 зар немам право да чинам со своето што сакам? Или ти е окото завидливо, зашто сум дарежлив?‘
16 Така ќе бидат последните први, а првите – последни; зашто мнозина се повикани, но малкумина се избрани.“
17 И кога се искачуваше Исус кон Ерусалим, ги зеде насамо дванаесетте ученици и по патот им рече:
18 „Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе им биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт,
19 и ќе Го предадат на незнабошците за да биде исмеан, и тепан, и распнат; и на третиот ден ќе воскресне.“
20 Тогаш пристапи до Него мајката на Заведеевите синови, заедно со своите синови и, поклонувајќи Му се, Го молеше нешто.
21 А Тој ѝ рече: „Што сакаш?“ Таа Му одговори: „Заповедај овие мои два сина да седнат до Тебе, едниот од десно, а другиот од лево во Твоето царство!“
22 Исус одговори и им рече: „Не знаете што барате! Можете ли да ја пиете чашата што ќе ја пијам Јас; или да се крстите со крштевањето со кое се крштевам Јас?“ Тие Му одговорија: „Можеме.“
23 И им рече: „Чашата Моја ќе ја пиете, и со крштевањето, со кое се крштевам Јас, ќе се крстите, но да се седи на Мојата десна или лева страна, не е Мое да дадам, туку кому е подготвено од Мојот Отец.“
24 И десетте, штом го чуја тоа, негодуваа против двајцата браќа.
25 Но Исус ги повика и им рече: „Знаете дека кнезовите народни господарат над народите, и големците владеат над нив;
26 меѓу вас, пак, нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга;
27 и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде слуга;
28 како што и Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да го даде животот Свој за откуп на мнозина.“
29 И кога тие излегуваа од Ерихон, по Него врвеше многу народ.
30 И ете, двајца слепи, седнати покрај патот, штом чуја дека минува Исус, извикаа и рекоа: „Смилувај ни се, Господи, Сине Давидов!“
31 А народот ги укоруваше да молчат; но тие уште посилно викаа и велеа: „Смилувај ни се, Господи, Сине Давидов!“
32 Исус застана, ги повика и рече: „Што сакате да сторам за вас?“
33 Тие Му одговорија: „Да ни се отворат очите наши.“
34 И Исус се смилува и се допре до нивните очи, и веднаш им прогледаа очите нивни; и тие тргнаа по Него.