1 Тогаш Исус му говореше на народот и на учениците Свои,
2 велејќи: „На Мојсеевиот стол седнаа книжниците и фарисеите.
3 Затоа, сѐ што ќе ви кажат да пазите, пазете и извршувајте; а според делата нивни не постапувајте, зашто тие говорат, но не извршуваат;
4 врзуваат бремиња тешки и мачни за носење и ги клаваат врз плеќите на луѓето, а сами не сакаат ниту со прст да ги помрднат.
5 И сите свои дела ги прават за да ги видат луѓето; ги прошируваат своите записи и ги продолжуваат ресите на својата облека;
6 сакаат прво место на гозбите и предни места во синагогите,
7 и поздрави по улиците, и да ги викаат луѓето ‚Рави!‘
8 А вие немојте да се нарекувате ‚Рави‘, зашто еден е вашиот Учител – Христос, а вие сте сите браќа.
9 И никого на земјата не викајте го свој Татко, зашто еден е вашиот Татко – Оној, Кој е на небесата;
10 и наставници немојте да се нарекувате, зашто еден е вашиот Наставник – Христос.
11 Но, најголемиот меѓу вас да ви биде слуга;
12 зашто, кој се воздигнува, ќе биде понизен; а кој се понизува, ќе биде воздигнат.“
13 „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, затоа што го затворате царството небесно пред луѓето; зашто, ниту вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние што сакаат да влезат.
14 Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто ги подјадувате домовите на вдовиците и лицемерно долго се молите; заради тоа ќе добиете поголема осуда.
15 Тешко вам книжници и фарисеи, лицемери, зашто обиколувате по море и по копно за да добиете еден следбеник, и кога тоа ќе се случи, тогаш го правите син на пеколот, двојно поголем од вас.
16 Тешко вам, водачи слепи, кои велите: ‚Ако се заколне некој во храмот, не е ништо; но ако се заколне некој во златото на храмот, виновен е.‘
17 Безумни и слепи! Што е поголемо: златото или храмот којшто го осветува златото?
18 Исто така велите: ‚Ако некој се заколне во жртвеникот, ништо не е; но, ако некој се заколне во дарот што е на него, виновен е.‘
19 Безумни и слепи! Што е посвето: дарот или жртвеникот што го осветува дарот?
20 А кој ќе се заколне во жртвеникот, се колне во него и во сѐ што е врз него;
21 и кој ќе се заколне во храмот, се колне во него и во Оној Кој живее во него;
22 и кој ќе се заколне во небото, се колне во престолот Божји и во Оној, што седи на него.
23 Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто давате десеток од нане, копра и ким, а сте го оставиле најважното во Законот: праведноста, милоста и верата; ова требаше да го правите, а и она да не го оставате.
24 Водачи слепи, вие комарецот го цедите, а камилата ја проголтувате!
25 Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто ги чистите чашата и чинијата однадвор, додека внатре тие се полни со грабеж и неправда.
26 Слеп фарисеју, очисти ги чашата и чинијата најнапред внатре, за да бидат чисти и однадвор.
27 Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто личите на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистотија.
28 Така и вие, однадвор им се покажувате на луѓето како праведни, а внатре сте полни со лицемерност и беззаконие.“
29 „Тешко вам книжници и фарисеи, лицемери, зашто им ѕидате гробници на пророците и ги украсувате спомениците на праведните,
30 па велите: ‚Да живеевме во дните на нашите татковци, немаше да станеме нивни соучесници во крвта на пророците.‘
31 А со тоа сведочите сами против себе, дека сте синови на оние што ги убиле пророците.
32 Дополнете ја и вие мерата на татковците ваши!
33 Змии и рожби аспидини, како ќе побегнете од осудата за во пеколот?
34 Затоа, ете, Јас праќам кај вас пророци и мудреци и книжници; едни ќе убиете и распнете, а други ќе тепате по синагогите ваши и ќе ги прогонувате од град во град;
35 за да падне врз вас сета праведна крв што е пролеана на земјата, од крвта на праведниот Авел па до крвта на Захарија, синот на Варахија, кого го убивте меѓу храмот и жртвеникот.
36 Вистина, ви велам: сето тоа ќе дојде врз овој род!“
37 „Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и со камења ги засипуваш испратените кај тебе! Колкупати сакав да ги соберам чедата твои, како квачката што ги собира пилињата свои под крилјата, а вие не сакавте.
38 Ете, ви се остава пуст вашиот дом.
39 Зашто ви велам: нема да Ме видите од сега додека не кажете: ‚Благословен е Оној, Кој доаѓа во името Господово!‘“