1 „Не судете, за да не бидете судени;
2 зашто, со каков суд судите, со таков ќе бидете судени; со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери.
3 Зошто ја гледаш раската во окото на твојот брат, а гредата во своето око не ја чувствуваш?
4 Или, како ќе му кажеш на твојот брат: ‚чекај да ти ја извадам раската од окото‘, кога во твоето око има греда?
5 Лицемере, извади ја прво гредата од твоето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на твојот брат!
6 Светото не давајте им го на кучињата, и не фрлајте си ги бисерите пред свињите, за да не ги изгазат со своите нозе, и, да се вратат, и да ве раскинат.“
7 „Сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори;
8 зашто секој што моли, добива, и кој бара, наоѓа, и на оној што чука ќе му се отвори.
9 Има ли меѓу вас човек, кој, ако му посака неговиот син леб, ќе му даде камен,
10 и кога ќе посака риба, ќе му даде змија?
11 И така, ако вие кои сте лоши, умеете да им давате на своите чеда добри дарови, колку повеќе вашиот Отец небесен ќе им даде добра на оние што Му бараат?
12 Значи, сѐ она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие; зашто тоа е Законот и Пророците.“
13 „Влезете низ тесната врата; зашто широки се вратите и широк е патот што води кон пропаст, и мнозина минуваат низ нив;
14 а тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малкумина го наоѓаат.“
15 „Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат кај вас во овча кожа, а одвнатре се волци грабливи.
16 По нивните плодови ќе ги познаете. Се бере ли грозје од трње, или смокви од чичка?
17 Па така, секое добро дрво дава добри плодови, а лошото дрво дава лоши плодови;
18 не може добро дрво да дава лоши плодови, ниту лошо дрво да дава добри плодови.
19 Секое дрво, што не дава добар плод, го сечат и го фрлаат во оган.
20 И така, по нивните плодови ќе ги познаете.“
21 „Не секој што Ми вели: ‚Господи, Господи‘, ќе влезе во царството небесно, туку оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец, Кој е на небесата.
22 Мнозина ќе Ми речат во оној ден ‚Господи, Господи, нели во Твое име пророкувавме? И зар во Твое име демони не изгонувавме? И нели во Твое име многу чуда правевме?‘
23 И тогаш Јас ќе им кажам: ‚Никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што правите беззаконие!‘“
24 „И така, секој што ги слуша и ги исполнува овие Мои зборови, ќе го споредам со мудар човек кој си изградил куќа на камен.
25 И заврна дожд и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, но таа не падна, зашто беше изградена на камен.
26 А секој, што ги слуша овие Мои зборови и не ги исполнува, прилега на глупав човек, кој си изградил куќа на песок.
27 И заврна дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, и таа падна, а паѓањето ѝ беше страшно.“
28 И кога ги заврши овие зборови, народот се чудеше на Неговото учење,
29 зашто Тој ги поучуваше како Оној Кој има власт, а не како книжниците.