1 „Тогаш царството небесно ќе заприлега на десет девојки, кои ги зедоа своите светилки и излегоа да го пресретнат младоженецот.
2 Петте од нив беа мудри, а петте неразумни.
3 Неразумните ги зедоа светилките свои, но не понесоа со себе масло;
4 а мудрите, заедно со светилките свои, зедоа во садовите и масло;
5 и бидејќи младоженецот се забави, сите задремаа и заспаа.
6 А на полноќ се чу викање: ‚Еве, младоженецот, доаѓа, излезете да го пресретнете!‘
7 Тогаш сите тие девојки станаа и ги приготвија своите светилки.
8 Неразумните, пак, им рекоа на мудрите: ‚Дајте ни од вашето масло, зашто нашите светилки гаснат.‘
9 Мудрите им одговорија и рекоа: ‚Но, може да не ни стигне и нам и вам: подобро одете кај продавачите и купете си!‘
10 А кога тие отидоа да купат, пристигна младоженецот и приготвените влегоа со него на свадбата, и вратите се затворија.
11 Потоа дојдоа и другите девојки и викаа: ‚Господаре, господаре, отвори ни!‘
12 А тој им одговори и рече: ‚Вистина, ви велам: не ве познавам!‘
13 И така, бидете будни, зашто не го знаете ниту денот, ниту часот, кога ќе дојде Синот Човечки.“
14 „Зашто, Тој ќе постапи како човекот, кој тргнувајќи на пат, ги повика слугите свои и им го предаде својот имот;
15 и на едниот му даде пет таланти, на другиот два, на третиот еден, секому според способноста негова; и веднаш замина.
16 Оној што зеде пет таланти, отиде, ги употреби во работа и спечали други пет таланти;
17 и исто така и оној што зеде два таланта, спечали други два;
18 а оној, што доби еден талант, отиде и го закопа в земја и така ги сокри парите на својот господар.
19 По долго време дојде господарот на овие слуги и побара да му поднесат сметка.
20 И кога пристапи оној што беше примил пет таланти, донесе уште пет таланти и рече: ‚Господаре, ти ми предаде пет таланти; ете, со нив спечалив уште пет таланти.‘
21 Господарот негов му рече: ‚Убаво, добар и верен слуго! Во малку беше верен, над многу ќе те поставам; влези во радоста на својот господар!‘
22 Му пристапи и оној што беше примил два таланта и рече: ‚Господаре, ти ми предаде два таланта, еве, со нив спечалив уште два таланта.‘
23 Господарот му рече: ‚Убаво, добар и верен слуго! Во малку беше верен, над многу ќе те поставам; сподели ја радоста со својот господар!‘
24 Му пристапи и оној што беше зел еден талант и рече: ‚Господаре, те знаев дека си жесток човек: жнееш каде што не си сеел, и собираш каде што не си веел,
25 па се уплашив и отидов, и го сокрив твојот талант в земја; ете ти го твоето.‘
26 А господарот му одговори и рече: ‚Зол и мрзлив слуго! Ако си знаел дека жнеам, каде што не сум сеел, и собирам каде што не сум веел,
27 требаше моите пари да им ги дадеш на трговците, па кога ќе дојдам да си го приберам своето со добивка;
28 земете го од него талантот и дајте му го на оној што има десет таланти;
29 зашто секому, што има, ќе му се даде и преумножи, а од оној, што нема, ќе му се одземе и она што го има;
30 а лошиот слуга фрлете го во крајна темнина: таму ќе биде плач и крцкање со заби.‘“ Откако го рече тоа, извика: „Кој има уши да слуша, нека чуе.“
31 „А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја,
32 и ќе се соберат пред Него сите народи, па ќе ги оддели едни од други, како што пастирот ги одделува овците од козите;
33 и ќе ги постави овците од Својата десна страна, а козите од левата.
34 Тогаш Царот ќе им каже на оние што Му се од десната страна: ‚Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, подготвено за вас од почетокот на светот;
35 зашто, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте;
36 необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте кај Мене.‘
37 Тогаш праведниците ќе Му одговорат и речат: ‚Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме, или жеден и Те напоивме?
38 Кога те видовме странец и Те прибравме, или необлечен и Те облековме?
39 Кога Те видовме болен, или во затвор и Те посетивме?‘
40 А Царот ќе им одговори и ќе рече: ‚Вистина, ви велам: доколку сте го направиле тоа за еден од овие Мои најмали браќа, за Мене сте го направиле.‘
41 Тогаш ќе им каже и на оние што се од левата страна: ‚Бегајте од Мене, проклети, во вечен оган, подготвен за ѓаволот и за неговите ангели!
42 Зашто, гладен бев и не Ми дадовте да јадам; жеден бев и не Ме напоивте;
43 странец бев и не Ме прибравте; необлечен бев и не Ме облековте; болен и во затвор бев и не Ме посетивте.‘
44 Тогаш и тие ќе Му одговорат и речат: ‚Господи, кога Те видовме гладен, или жеден, или странец, или необлечен, или болен, или во затвор – не Ти послуживме?‘
45 Тогаш ќе им одговори и рече: ‚Доколку не сте го направиле тоа за еден од овие најмали браќа ниту за Мене не сте го направиле.‘
46 И тие ќе отидат во вечна мака, а праведниците – во живот вечен.“