1 Во тие дни дојде Јован Крстител, кој проповедаше во Јудејската пустина
2 и говореше: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно.“
3 Зашто ова е Оној за Кого говореше пророкот Исаија, кој вели: „Гласот на оној, што вика во пустината: ‚Подгответе го патот на Господа и исправете ги патеките Негови!‘“
4 А Јован имаше облека од камилски влакна и кожен појас околу слабините, а храната му се состоеше од скакулци и див мед.
5 Тогаш од Ерусалим и цела Јудеја и од целиот Јордански крај доаѓаа кај него
6 и се крштеваа од него во Јордан, исповедајќи ги своите гревови.
7 А штом виде Јован дека кај него доаѓаат мнозина фарисеи и садукеи за да се крстат, им рече: „Породи змиини! Кој ви кажа да бегате од гневот што иде?
8 Направете плод достоен за покајание
9 и немојте да говорите во себе: ‚Наш татко е Авраам‘, зашто Бог може, ви велам, и од овие камења да му подигне чеда на Авраам.
10 Секирата веќе лежи до коренот на дрвото: зашто секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган.
11 Јас ве крштевам со вода за покајание, но Оној што иде по мене е посилен од мене; јас не сум достоен да Му ги понесам ни обувките; Тој ќе ве крсти со Дух Свети и со оган.
12 Лопатата е во рацете Негови и Тој ќе го очисти гумното Свое и ќе Си го прибере житото во житницата, а плевата ќе ја изгори со оган што не гасне.“
13 Тогаш дојде Исус од Галилеја на Јордан кај Јован за да се крсти од него.
14 А Јован Го одвраќаше, велејќи: „Јас треба од Тебе да бидам крстен, а Ти кај мене ли доаѓаш!?“
15 Но Исус му одговори и рече: „Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда.“ Тогаш го остави.
16 И штом се крсти, Исус веднаш излезе од водата. Одеднаш Му се отворија небесата и Го виде Духот Божји како слегува како гулаб и доаѓа на Него.
17 И ете, глас од небесата говореше: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја!“