Матеј 28 MK2006D

Исусовото воскресение

1 Кога измина саботата, на осамнување во првиот ден на седмицата, дојдоа Марија Магдалена и другата Марија да го видат гробот.

2 И ете, стана голем потрес; ангел Господов слезе од небото, пристапи, го отстрани каменот од гробната врата и седна на него;

3 лицето му беше како молња, а облеката – бела како снег;

4 а стражарите, уплашени од него, трепереа и беа како мртви.

5 Ангелот им се обрати на жените и им рече: „Не плашете се; знам дека Го барате Исуса распнатиот;

6 не е овде, воскресна, како што беше рекол; дојдете и видете го местото, каде што лежел Господ,

7 па отидете бргу и кажете им на учениците Негови дека Тој воскресна од мртвите. И ете, ќе отиде пред вас во Галилеја; таму ќе Го видите. Ете, ви кажав.“

8 И излегоа брзо од гробот, со страв и голема радост и отрчаа да им соопштат на учениците Негови.

9 Кога одеа да им јават на Неговите ученици, ете, Исус, ги пресретна и им рече: „Радувајте се!“ А тие се приближија, ги гушнаа нозете Негови и Му се поклонија.

10 Тогаш Исус им кажа: „Не плашете се; одете и соопштете им на браќата Мои, да отидат во Галилеја, и таму ќе Ме видат.“

11 Кога одеа тие, ете, некои од стра­жарите, влегувајќи в град, им кажаа на првосвештениците за сето она што беше станало.

12 И тие, кога се собраа со старе­ши­ните и се посоветуваа, им дадоа многу пари на војниците,

13 велејќи: „Кажете дека: ‚учениците Негови дојдоа ноќе и Го украдоа додека ние спиевме;‘

14 и, ако за тоа чуе управникот, ние ќе го убедиме и вас ќе ве ослободиме од грижа.“

15 А тие ги зедоа парите и направија, како што беа научени. И тој глас се пренесува меѓу Јудејците и до денес.

Исус им се јавува на Своите ученици

16 А единаесетте ученици отидоа во Галилеја, на гората, каде што им беше заповедал Исус;

17 па, штом Го видоа, Му се поклонија; а некои се посомневаа.

18 А Исус, кога пристапи, прого­вори и рече: „Ми се даде секаква власт на небото и на земјата.

19 Одете и научете ги сите народи, кр­штевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух,

20 и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до крајот на светот.“ Амин!

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28