1 Тогаш Духот Го одведе Исуса во пустината за да биде искушуван од ѓаволот.
2 И откако постеше четириесет дни и четириесет ноќи, најпосле огладне.
3 А кога пристапи до Него, искушувачот Му рече: „Ако си Син Божји, заповедај овие камења да станат лебови.“
4 А Тој му одговори и рече: „Напишано е – ‚Човек не живее само од леб, туку и од секој збор што излегува од устата на Бога.‘“
5 Тогаш ѓаволот Го одведе во светиот град и Го постави на стреата од храмот
6 и Му рече: „Ако си Син Божји, скокни долу, зашто напишано е: ‚На ангелите Свои ќе им заповеда за Тебе да Те запазат и на раце ќе Те земат за да не си ја сопнеш ногата од камен.‘“
7 А Исус му рече: „Напишано е исто така – ‚Не искушувај Го Господа, Твојот Бог.‘“
8 Повторно ѓаволот Го одведе на многу висока планина и Му ги покажа сите царства на светот и нивната слава
9 и Му рече: „Сето ова ќе Ти го дадам, ако паднеш и ми се поклониш.“
10 Но, Исус му рече: „Бегај од Мене, сатано, зашто е напишано: ‚На Господа, Твојот Бог, да Му се поклонуваш и само Нему да Му служиш!‘“
11 Тогаш ѓаволот Го остави и веднаш дојдоа ангели и Му служеа.
12 А кога Исус чу дека Јован е предаден, отиде во Галилеја.
13 И кога го остави Назарет, дојде и се насели во Капернаум приморски, во пределите Завулонови и Нефталимови,
14 за да се исполни реченото преку пророкот Исаија, кој вели:
15 „Земјата Завулонова и земјата Нефталимова, на пат кон морето, отаде Јордан, е незнабожечка Галилеја.
16 Народот, што седеше во темнина, виде голема светлина и на оние, што седеа во пределот и во смртна сенка, им изгреа светлина.“
17 Оттогаш Исус почна да проповеда и да говори: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно!“
18 И одејќи покрај Галилејското Море, ги виде двајцата браќа, Симон, наречен Петар, и брат му Андреј, како фрлаат мрежа во морето, бидејќи беа рибари.
19 И им рече: „Појдете по Мене и Јас ќе ве направам ловци на луѓе.“
20 И ете, тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него.
21 И откако отиде оттаму виде други двајца браќа: Јаков Заведеев и брат му Јован, во кораб со Заведеј, таткото нивни, кои си ги крпеа мрежите свои, и нив ги повика.
22 И тие веднаш го оставија коработ и татка си и тргнаа по Него.
23 И одеше Исус по цела Галилеја поучувајќи по синагогите нивни, проповедајќи го Евангелието на Царството и лекувајќи секаква болест и немоќ кај народот.
24 Па се разнесе глас за Него по цела Сирија и ги доведоа кај Него сите болни, нападнати од различни болести и страдања, опседнати од демони, месечари, фатени, а Тој ги излекува.
25 И по Него одеше многу народ од Галилеја, Десеттоградието, Ерусалим, Јудеја и отаде Јордан.