Матеј 16 MK2006D

Фарисеите бараат знак

1 Тогаш пристапија фарисеите и садукеите и, искушувајќи Го, побараа да им покаже знак од небото.

2 Тој, одговарајќи им, рече: „Навечер велите: ‚ќе биде ведро, зашто небото е црвено‘;

3 а наутро: ‚денес ќе има невреме, зашто небото е црвено и матно.‘ Лицемери, изгледот на небото умеете да го распознавате, а знаците на времињата не можете?

4 Род лукав и прељуботворен бара знак, но знак нема да му се даде освен знакот на пророкот Јона.“ Па, откако ги остави, си замина.

За квасецот на фарисеите

5 И преоѓајќи на спротивната страна, учениците Негови заборавија да земат леб.

6 Исус им рече: „Внимавајте и чувајте се од квасот фарисејски и садукејски!“

7 А тие помислија во себе и си рекоа: „Тоа е што не зедовме леб!“

8 Но Исус ги разбра и им рече: „Маловерни, зошто мислите во себе дека не сте зеле леб?

9 Уште ли не разбирате и не помните за петте леба на пет илјади души, и колку кошеви собравте?

10 Ниту за седумте леба на четири илјади души, и колку кошници собравте?

11 Како не разбирате дека не за леб реков: ‚Чувајте се од квасот фарисејски и садукејски!‘“

12 Тогаш разбраа дека Тој им беше рекол да се пазат не од лебниот квас, туку од учењето фарисејско и садукејско.

Сведоштвото на Петар

13 И кога дојде Исус во областа на Кесарија Филипова, ги праша учениците Свои и рече: „Што велат луѓето за Мене, Синот Човечки?“

14 Тие одговорија: „Едни дека си Јован Крстител, други Илија, а некои Еремија или еден од пророците.“

15 А Тој им рече: „А вие, што мислите, Кој сум Јас?“

16 Симон Петар одговори и рече: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог.“

17 Тогаш Исус му одговори и рече: „Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, зашто тело и крв не ти го открија тоа, туку Мојот Отец, Кој е на небесата.

18 А Јас тебе ти велам: ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам Црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат.

19 И ќе ти ги дадам клучевите од небесното царство, и што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небесата; а што ќе разрешиш на земјата, ќе биде разрешено и на небесата.“

20 Тогаш Исус им заповеда на учениците Свои да не кажуваат никому дека Тој е Исус Христос.

Исус ја навестува Својата смрт и воскресение

21 Оттогаш почна Исус на Своите ученици да им открива дека Тој треба да отиде во Ерусалим и да пострада многу од старешините, првосвеш­те­ни­ците и книжниците и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне.

22 А Петар Го повлече настрана, почна да Го одвраќа, велејќи: „Биди милостив кон Себе, Господи; тоа со Тебе нема да се случи!“

23 Но Тој се заврте и му рече на Петар: „Бегај од Мене, сатано! Ти си Ми соблазна, зашто мислиш не за она што е Божјо, туку за она што е човечко!“

Патот за следбениците на Исус

24 Тогаш Исус им рече на учениците Свои: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека Ме следи;

25 зашто, кој сака да го спаси животот свој, ќе го загуби; а кој ќе го загуби својот живот заради Мене, ќе го најде:

26 зашто, каква полза е за човек ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа?

27 Зашто Синот Човечки ќе дојде во славата на Својот Отец, со ангелите Свои, и тогаш ќе му даде на секој според делата негови.

28 Вистина ви велам: тука стојат некои што нема да вкусат смрт додека не Го видат Синот Човечки како доаѓа во царството Свое.“

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28