1 Тогаш пристапија кон Исус ерусалимските книжници и фарисеи, велејќи:
2 „Зошто учениците Твои го престапуваат преданието на старите? Бидејќи не си ги мијат рацете кога јадат леб.“
3 А Тој им одговори и рече: „Па зошто и вие ја престапувате Божјата заповед заради вашето предание?
4 Зашто Бог заповедал и рекол: ‚Почитувај ги татка си и мајка си‘, и ‚кој злослови против таткото свој или мајка си, со смрт да се казни‘.
5 А вие велите: ‚Ако некој му рече на татка си или на мајка си: она, со што би можел да се ползуваш од мене, дар е‘,
6 тогаш тој може и да не го почитува својот татко или својата мајка! Така ја нарушивте заповедта Божја заради вашето предание!
7 Лицемери, добро пророкувал за вас Исаија, велејќи:
8 ‚Овој народ се приближува до Мене со устата своја и со усните Ме почитува, а срцето негово стои далеку од Мене;
9 но напразно Ме почитува, учејќи со човечки учења и заповеди.‘“
10 И откако ги повика луѓето, им рече: „Слушајте и разберете!
11 Не го осквернува човекот она што влегува во устата, туку она што излегува од устата, тоа го осквернува човекот.“
12 Тогаш Неговите ученици Му пристапија и рекоа: „Знаеш ли дека фарисеите, штом го чуја тој збор, се соблазнија?“
13 А Тој, одговарајќи им, рече: „Секоја садница, што не ја насадил Мојот Отец небесен, ќе се искорне;
14 оставете ги: тие се слепи водачи на слепи: а кога слеп води слеп, обата ќе паднат во јама.“
15 Петар, пак, Му одговори и рече: „Објасни ни ја оваа парабола.“
16 А Исус им рече: „Ама вие, уште ли не сфаќате?
17 Уште ли не разбирате дека сѐ што влегува во устата, минува преку стомакот и се исфрлува надвор?
18 А она што излегува од устата, излегува од срцето и тоа го осквернува човекот;
19 зашто од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули;
20 тоа го осквернува човекот. А да се јаде со неизмиени раце, тоа не го осквернува човекот.“
21 И кога излезе оттаму Исус, замина во краевите Тирски и Сидонски.
22 И ете, една жена Хананејка, излезе од оние краишта, повика кон Него, велејќи: „Смилувај ми се, Господи, Сине Давидов! Ќерка ми жестоко ја мачи демон.“
23 Но Тој не ѝ одговори ниту збор. И откако пристапија до Него, учениците Негови Го молеа и велеа: „Отпушти ја, зашто вика по нас.“
24 А Тој одговори и рече: „Јас сум пратен само кај загубените овци на домот израилев.“
25 Но таа, кога пристапи, Му се поклони и велеше: „Господи, помогни ми!“
26 Тој, одговарајќи ѝ рече: „Не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата.“
27 Но таа Му рече: „Да, Господи, но и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на своите господари.“
28 Тогаш Исус одговори и рече: „О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде по желбата твоја!“ И во тој час оздраве ќерката нејзина.
29 Штом замина оттаму, Исус дојде кај Галилејското Море, се искачи на гората и седна таму.
30 И дојде кај Него многу народ, кој имаше со себе куци, слепи, неми, сакати и многу други, и ги положија пред нозете на Исус, и Тој ги исцели,
31 така што народот се восхитуваше гледајќи како неми зборуваат, сакати оздравуваат, куци се движат и слепи прогледуваат и Го прославуваше Бога Израилев.
32 А Исус, кога ги повика учениците Свои, им рече: „Жал ми е за луѓето, зашто три дни веќе стојат кај Мене и немаат што да јадат; а да ги распуштам гладни, не би сакал, за да не премалеат по патот.“
33 Но учениците Негови Му рекоа: „Од каде при нас толку леб во пустинава за да се нахрани толку народ?“
34 Исус ги праша: „Колку лебови имате?“ А тие одговорија: „Седум и неколку рипчиња.“
35 Тогаш му заповеда Исус на народот да поседне по земјата.
36 И откако ги зеде седумте лебови и рибите, заблагодари, ги прекрши и им ги даде на учениците Свои, а учениците – на народот.
37 И јадеа сите и се наситија; и кренаа останати парчиња – седум полни кошници.
38 А оние што јадеа беа четири илјади мажи, покрај жените и децата.
39 Па, штом го распушти народот, влезе во кораб и дојде во магдалските предели.