Матеј 11 MK2006D

1 И кога ги заврши Исус овие заповеди кон дванаесетте Свои ученици, замина оттаму за да поучува и да проповеда по нивните градови.

Пратеници од Јован Крстител

2 А Јован, штом чу во затворот за Христовите дела, испрати двајца од своите ученици

3 и му рече: „Ти ли си Оној што треба да дојде или да чекаме друг?“

4 Исус им одговори и рече: „Одете и кажете му на Јован што слушате и што гледате:

5 слепи прогледуваат и сакати проодуваат; лепрозни се очистуваат и глуви прослушуваат; мртви воскреснуваат и на сиромашните им се проповеда Евангелието.

6 И блажен е оној што не се соблазнува поради Мене.“

7 А кога си отидоа овие, Исус почна да му зборува на народот за Јован: „Што сте излегле да видите во пустината? Трска ли, што се лулее од ветрот?

8 Но, што излеговте да видите? Човек ли, облечен во меки алишта? Ете, оние што носат меки алишта, по царски палати се.

9 Па, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, ви велам, и повеќе од пророк!

10 Зашто тој е оној за кого е напишано: ‚Ете, Јас го праќам Мојот ангел пред лицето Твое, кој ќе го приготви патот Твој пред Тебе.‘

11 Вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јован Крстител, но најмалиот во царството небесно е поголем од него!

12 А од деновите на Јован Крстител па до сега, царството небесно со напор се освојува и силните го грабаат,

13 зашто сите Пророци и Законот пророкувале до Јован.

14 И, ако сакате да прифатите, тој е Илија, кој треба да дојде.

15 Кој има уши да слуша, нека чуе!“

16 „А со кого да го споредам овој род? Тој личи на деца што седат по пазариштата, па им довикуваат на своите другари

17 и велат: ‚Ви свиревме и не игравте; ви тажевме и не плачевте.‘

18 Зашто дојде Јован, кој не јаде, ниту пие, а тие велат: ‚Ѓаволот е во него.‘

19 Дојде Синот Човечки, Кој јаде и пие, и велат: ‚Еве човек јадач и винопиец, пријател на цариниците и грешниците.‘ Но мудроста се оправда преку своите чеда.“

Грешни градови

20 Тогаш почна Исус да ги укорува градовите во кои се извршија повеќето Негови чуда, бидејќи не се покајаа.

21 „Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Витсаидо! Ако во Тир и Сидон беа чудата, што станаа кај вас, тие одамна би се покајале во вреќиште и пепел;

22 но ви велам: на Тир и на Сидон ќе им биде полесно во судниот ден отколку вам!

23 И ти, Капернауме, што си се воздигнал до небото, до пеколот ќе бидеш спуштен; зашто, ако во Содом се беа извршиле чудата што станаа во тебе, тој и до ден денес ќе останеше.

24 Но ви велам дека на земјата Содомска ќе ѝ биде полесно на судниот ден, отколку тебе.“

Исусовиот повик

25 Во тоа време, одговори Исус и рече: „Те прославувам, Оче, Господи на небото и на земјата, зашто си го сокрил тоа од мудрите и разумните, а си им го открил тоа на децата!

26 Да, Оче, зашто таква беше волјата Твоја.

27 Сѐ ми е предадено од Мојот Отец и никој не Го познава Синот, освен Отецот; ниту Отецот Го познава некој освен Синот, и кому што сака Синот да Го открие.

28 Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам;

29 Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете спокојство за душите ваши;

30 Зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно.“

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28