1 А кога се раздени, сите првосвештеници и старешини направија договор против Исус за да Го убијат;
2 и откако Го врзаа, Го одведоа и Го предадоа на управникот Понтиј Пилат.
3 Тогаш Јуда, што Го предаде, кога виде дека е Тој осуден, се покаја и им ги врати триесетте сребреници на првосвештениците и старешините,
4 велејќи им: „Згрешив, зашто предадов невина крв!“ А тие му одговорија: „Што ни е грижа нам за тоа? Мисли му ти!“
5 Тој ги фрли сребрениците во храмот, излезе и отиде, та се обеси.
6 Првосвештениците ги собраа сребрениците и рекоа: „Не чини да се стават во касата на храмот, бидејќи се цена за крв.“
7 Откако се советуваа, ја купија со нив грнчаревата нива, за погребување на странци.
8 Затоа и до денес таа нива се вика Крвна нива.
9 Тогаш се исполни реченото преку пророкот Еремија, кој вели: „И ги зедоа триесетте сребреници, цената на Непроценливиот, Кого Го оценија синовите Израилеви,
10 и ги дадоа за грнчаревата нива, како што ми кажа Господ.“
11 И Исус застана пред управникот. И тој Го праша, велејќи: „Ти ли си Царот Јудејски?“ Исус му одговори: „Ти велиш.“
12 И кога Го обвинуваа првосвештениците и старешините, Тој ништо не одговараше.
13 Тогаш Пилат Му рече: „Не слушаш ли колку сведочат против Тебе?“
14 И не му одговори ниту на еден збор, така што управникот се чудеше многу.
15 А на секој Празник управникот имаше обичај да му пушта на народот по еден затвореник, кого тие сакаа.
16 Тогаш тие имаа еден прочуен затвореник, по име Варава.
17 И кога се собраа, Пилат им рече: „Кого сакате да ви го пуштам: Варава ли, или Исус, наречен Христос?“
18 Зашто знаеше дека Го беа предале од завист.
19 А во тоа време, кога тој седеше во судот, жена му порача да му кажат: „Не прави му ништо на Тој Праведник, зашто денеска многу пострадав на сон заради Него.“
20 Но првосвештениците и старешините го наговорија народот да го измоли Варава, а Исуса да Го погуби.
21 Тогаш управникот одговарајќи им рече: „Кого од двајцата сакате да ви го пуштам?“ Тие одговорија: „Варава!“
22 Пилат им рече: „А што да правам со Исус, наречен Христос?“ Му одговорија сите: „Да биде распнат!“
23 Управникот рече: „Па какво зло направил?“ Но тие уште посилно викаа и рекоа: „Да биде распнат!“
24 Пилат, штом виде дека ништо не помага, а буната се зголемува, зеде вода, ги изми рацете пред народот и рече: „Невин сум за крвта на Овој Праведник; мислете му вие!“
25 И одговарајќи целиот народ, рече: „Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца!“
26 Тогаш им го пушти Варава, а Исуса, откако Го камшикуваа, Го предаде да биде распнат.
27 Потоа војниците на управникот Го зедоа Исуса во судницата и ја собраа целата чета околу Него,
28 па, откако Го соблекоа, Му облекоа багреница;
29 исплетоа трнов венец, Му Го кладоа на главата и Му дадоа во десната рака трска; и поклонувајќи се на колена пред Него, Му се потсмеваа и велеа: „Те поздравуваме, Царе Јудејски!“
30 И плукаа на Него, ја зедоа трската и Го удираа по главата.
31 А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ги облекоа Неговите алишта и Го поведоа на распнување.
32 На излегување сретнаа еден Киринеец, по име Симон; него го натераа да Му го носи крстот.
33 И кога дојдоа на местото наречено Голгота, што значи Черепница,
34 Му дадоа да пие оцет, измешан со жолчка. Но Тој вкуси и не сакаше да пие.
35 А штом Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждрепка;
36 па седеа таму и Го чуваа;
37 и Му кладоа над главата натпис, со вината Негова: „Овој е Исус, Царот Јудејски.“
38 Тогаш распнаа со Него и двајца разбојници; едниот од десната страна, а другиот од левата.
39 А минувачите, вртејќи ги главите свои, Го хулеа
40 и велеа: „Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси! Ако си Син Божји, симни се од крстот!“
41 Исто така и првосвештениците, книжниците, старешините и фарисеите, потсмевајќи се говореа:
42 „Други спасуваше, а Себеси не може да се спаси! Ако е Тој Цар Израилев, нека слезе сега од крстот, па ќе поверуваме во Него.
43 Се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако е по волјата Негова, бидејќи говореше: ‚Син Божји Сум!‘“
44 Така и разбојниците, распнати со Него, Го исмејуваа.
45 А од шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час;
46 а околу деветтиот час извика Исус со силен глас и рече: „Или! Или! Лама савахтани?“ А тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави!“
47 А некои од оние што стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој го вика Илија!“
48 И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во оцет и го надена на трска, па Му даваше да пие.
49 Другите, пак, велеа: „Чекајте, да видиме, дали ќе дојде Илија да Го спаси!“
50 А Исус, откако повторно извика со силен глас, го испушти духот.
51 И ете, се расцепи завесата на храмот на две – од горе до долу; и земјата се затресе; и карпи се распаднаа;
52 и гробови се отворија; и многу тела на упокоени светии воскреснаа;
53 па кога излегоа од гробовите, по воскресението Негово, влегоа во светиот град и им се јавија на мнозина.
54 А стотникот и оние што со него Го чуваа Исуса, откако го видоа земјотресот и сѐ друго што стана, се уплашија многу и говореа: „Навистина Овој беше Син Божји!“
55 Таму беа и гледаа оддалеку многу жени, коишто врвеа по Исус од Галилеја и Му служеа.
56 Меѓу нив беа Марија Магдалена и Марија, мајка им на Јаков и Јосиф, и мајката на Заведеевите синови.
57 А кога се стемни, дојде еден богат човек од Ариматеја, по име Јосиф, кој Му беше, исто така, ученик на Исус;
58 тој отиде кај Пилат и го побара телото Исусово. Тогаш Пилат нареди да му го дадат телото.
59 А Јосиф, штом го зеде телото, Го завитка во чисто платно,
60 и Го положи во својот нов гроб, што го беше издлабил во камен; па, откако постави голем камен над гробната врата, си отиде.
61 А таму беа Марија Магдалена и другата Марија, кои седеа спроти гробот.
62 Утредента, пак, по петокот, се собраа првосвештениците и фарисеите кај Пилат,
63 и му рекоа: „Господаре, се сетивме дека Оној измамник, уште дури беше жив, рече: ‚По три дни ќе воскреснам!‘
64 Затоа нареди да се причува гробот до третиот ден, за да не отидат учениците Негови ноќе и да Го украдат, па да му речат на народот: ‚Воскресна од мртвите!‘ Та последната измама ќе биде полоша од првата.“
65 Пилат им рече: „Имате стража; одете и чувајте го како што знаете.“
66 Тие отидоа и со стража го чуваа гробот, а каменот го запечатија.