Матеј 5 MK2006D

Беседа на гората

1 Кога го виде народот, Тој се искачи на гората. И штом седна, учениците Негови се приближија до Него.

2 И откако ја отвори устата Своја, ги поучуваше и говореше:

Блаженства

3 „Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно!

4 Блажени се оние што плачат, зашто тие ќе се утешат!

5 Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата!

6 Блажени се гладните и жедните за правда, зашто тие ќе се наситат!

7 Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!

8 Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога!

9 Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји!

10 Блажени се гонетите заради правда, бидејќи нивно е царството небесно!

11 Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и прогонуваат и кога лажно ќе говорат против вас секакви лоши зборови – заради Мене!

12 Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата! Така ги гонеа и пророците што беа пред вас.“

Сол и светлина

13 „Вие сте солта на земјата. Но, ако солта го изгуби вкусот, со што ќе се соли? Таа веќе не е за ништо, освен да се фрли надвор и изгази од луѓето.

14 Вие сте светлината на светот. Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина.

15 Ниту, пак, светило се пали и става под поклопец, туку на свеќник, и им свети на сите в куќи.

16 Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец, Кој е на небесата!“

Исус и Законот

17 „Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или Пророците; не сум дошол да ги поништам, туку да ги исполнам.

18 Зашто, вистина, ви велам: дури постојат небото и земјата, ниту една буквичка или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сѐ!

19 И така, оној што ќе наруши една од тие најмали заповеди и така ги научи луѓето, ќе се нарече најмал во царството небесно, а оној што ќе ги исполни и поучи, тој ќе се нарече голем во царството небесно.

20 Зашто ви велам, ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книжниците и фарисеите, вие нема да влезете во царството небесно!“

За гневот и помирувањето

21 „Сте слушале дека им било речено на старите: ‚Не убивај! А кој убие, виновен е пред судот.‘

22 Јас, пак, ви велам дека секој, што се гневи на брата си без причина, виновен е пред судот; а оној што ќе го нарече брата си ‚празноглав‘, виновен е пред Синедрионот; оној, пак, што ќе рече ‚будала‘, виновен е за во пеколот.

23 И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе,

24 тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па оди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот свој.

25 Измири се со противникот твој навреме, уште додека си на пат со него, за да не те предаде противникот на судијата, а судијата – на слугата и да бидеш фрлен в затвор;

26 вистина ти велам: нема да излезеш оттаму, сѐ додека не ја дадеш и последната пара.“

За прељубата и соблазната

27 „Сте слушале дека на старите им било речено: ‚Не прељубодејствувај!‘

28 Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне на жена со желба кон неа, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое.

29 Ако те соблазнува десното око, извади го и фрли го од себе; зашто подобро ти е да погине еден дел од твоето тело, отколку целото да биде фрлено во пеколот.

30 И десната рака, ако те соблазнува, исечи ја и фрли ја од себе; зашто подобро ти е да изгубиш еден дел, отколку целото твое тело да биде фрлено во пеколот.“

За разводот

31 „Речено било исто така: ‚Ако некој ја остави својата жена, нека ѝ даде разводно писмо.‘

32 А Јас пак ви велам: секој што ќе ја остави својата жена, освен за прељуба, тој ја тера да прељубодејствува; и кој ќе се ожени со така напуштена, тој прељубодејствува.“

За заклетвите

33 „Сте го слушале уште и тоа дека им било речено на старите – ‚Не колни се лажно, а заклетвите пред Господ исполнувај ги.‘

34 Јас, пак, ви велам: не колнете се воопшто – ниту во небото, зашто тоа е престол Божји;

35 ниту во земјата, зашто таа е подножје на нозете Негови; ниту во Ерусалим, зашто е град на великиот Цар.

36 Не колни се ниту во главата своја, зашто не можеш ниту едно влакно да направиш бело или црно.

37 Но зборот ваш да биде: ‚да‘, ‚да‘, или ‚не‘, ‚не‘, а сѐ што е повеќе од тоа, од лукавиот е.“

За одмаздувањето

38 „Сте слушале дека е речено: ‚Око за око, заб за заб.‘

39 Јас, пак, ви велам: не противете се на злото. Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот.

40 А на оној што сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, дај му ја и наметката.

41 И ако некој те присили да одиш со него една милја, ти оди две.

42 На оној што бара од тебе, дај му, и не одбивај го оној што ти сака нешто на заем.“

Љубов кон непријателите

43 „Сте слушале дека е кажано: ‚Љуби го својот ближен и мрази го својот непријател.‘

44 А јас, пак, ви велам: љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат,

45 за да бидете синови на вашиот Отец, Кој е на небесата; зашто Тој со Своето сонце ги грее и лошите и добрите, и им праќа дожд и на праведните и на неправедните.

46 Зашто, ако ги љубите оние што вас ве љубат, каква ќе ви биде наградата? Зар не го прават тоа и цариниците?

47 И, ако ги поздравувате само браќата свои, што особено правите? Не постапуваат ли така и незнабошците?

48 Но, вие бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен.“

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28