Матеј 9 MK2006D

Исус исцелува фатен човек

1 Тогаш Тој откако влезе во коработ, премина и пристигна во Својот град.

2 И ете, донесоа кај Него еден фатен, положен на постела. Па кога ја виде Исус нивната вера, на фатениот му ре­че: „Не плаши се, чедо! Ти се простуваат гревовите твои!“

3 Тогаш некои од книжниците си рекоа во себе: „Овој богохулствува!“

4 А Исус штом ги разбра нивните мисли, им рече: „Зошто мислите лошо во срцата ваши?

5 Што е полесно да се каже: ‚Ти се простуваат гревовите!‘ или да се каже: ‚Стани и оди!?‘

6 Но да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да проштева гревови.“ Тогаш му рече на фатениот: „Стани, земи си ја постелата и оди си дома!“

7 И тој стана, ја зеде постелата своја и си отиде дома.

8 А народот кога го виде тоа, се восхити и Го прослави Бога, Кој им даде таква власт на луѓето.

Исус го повикува Матеј

9 А заминувајќи оттаму, Исус виде еден човек, по име Матеј, како седи во царинарницата и му рече: „Врви по Мене!“ И тој стана и тргна по Него.

10 И кога седеше Исус на трпеза дома, одеднаш мнозина цариници и грешници дојдоа и седнаа до Него и до учениците Негови.

11 Но штом го видоа тоа фарисеите, им рекоа на учениците Негови: „Зошто вашиот Учител јаде и пие со цариници и грешници?“

12 А Исус, кога го чу тоа, им рече: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните;

13 одете и научете се што значи: ‚Милост сакам, а не жртва‘. Зашто не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание.“

Прашања за постот. Старото и новото

14 Тогаш кај Него дојдоа учениците Јованови и рекоа: „Зошто ние и фарисеите постиме многу, а Твоите ученици не постат!?“

15 А Исус им рече: „Зар можат сватовите да бидат нажалени додека е со нив младоженецот? Но ќе дојде време кога младоженецот ќе биде оттргнат од нив, па тогаш и тие ќе постат.

16 Затоа што никој не крпи стара облека со нова крпа, зашто таа ќе се отшие од старото и отворот ќе биде поголем;

17 ниту, пак, се става ново вино во стари мевови; инаку, мевовите ќе напукнат, и виното ќе истече и мевовите ќе пропаднат; туку ново вино се става во нови мевови, па така ќе се запази и едното и другото.“

Чудата со болната жена и со ќерката на Јаир

18 Додека Тој им говореше за тоа, ете еден началник пријде до Него, Му се поклонуваше и велеше: „Ќерка ми штотуку умре; туку дојди, положи ја раката Своја над неа и таа ќе оживее.“

19 И како стана Исус, тргна по него, заедно со учениците Свои;

20 и ете, една жена, која боледуваше дванаесет години од крвотечение, се приближи одзади и се допре до крајот на облеката Негова.

21 Зашто си велеше: „Само ако се допрам до облеката Негова, ќе оздравам.“

22 А Исус штом се заврти и ја виде, рече: „Не плаши се, ќерко, верата твоја те спаси!“ И оздраве жената во тој час.

23 И кога дојде Исус во куќата на началникот и ги виде свирачите и народот вознемирени,

24 им рече: „Излезете надвор, зашто девојката не е умрена, туку спие.“ А тие Му се потсмеваа.

25 Но штом го истера народот, Тој влезе, ја фати девојката за рака и таа стана.

26 И се расчу тоа по целата таа земја.

Исус исцелува двајца слепи

27 А кога Исус си одеше оттаму, тргнаа по него двајца слепи и викаа: „Смилувај ни се, сине Давидов!“

28 А штом дојде в куќи, слепите пријдоа до Него. И Исус им рече: „Верувате ли дека можам да го направам тоа?“ Тие Му рекоа: „Да, Господи!“

29 Тогаш се допре до очите нивни и рече: „Нека ви биде според верата ваша!“

30 И очите им се отворија; а Исус им заповеда велејќи: „Гледајте, никој да не дознае!“

31 А тие, штом излегоа, разгласија за Него по целата таа земја.

Исус исцелува нем човек

32 Додека тие излегуваа, ете, кај Него доведоа еден човек нем и бесомачен.

33 По изгонувањето на демонот, немиот проговори. А народот се чудеше и говореше: „Никогаш такво нешто не станало во Израил.“

34 А фарисеите велеа: „Тој ги изгонува демоните преку началникот на демоните.“

Исус сочувствува со народот

35 И одеше Исус по сите градови и села и поучуваше по нивните синагоги, го проповедаше Евангелието за царството и лекуваше секаква болест и секаква немоќ во народот.

36 А штом виде многу народ, се сожали над нив, зашто беа изморени и напуштени како овци без пастир.

37 Тогаш им рече на Своите ученици: „Жетвата е голема, а работниците се малку;

38 Затоа молете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва.“

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28