1 А кога слезе од гората, по Него врвеше многу народ.
2 И ете, се приближи еден лепрозен. Му се поклонуваше и говореше: „Господи, ако сакаш, можеш да ме очистиш.“
3 А Исус кога ја испружи раката, се допре до него и рече: „Сакам, очисти се!“ И тој веднаш се очисти од лепрата.
4 И му рече Исус: „Гледај, никому да не кажеш; а оди, покажи му се на свештеникот и принеси дар, како што заповедал Мојсеј, ним за сведоштво.“
5 А кога влезе Исус во Капернаум, му пристапи еден стотник и Го молеше говорејќи:
6 „Господи, слугата мој лежи дома фатен и многу страда.“
7 Исус му рече: „Ќе дојдам и ќе го излекувам.“
8 А стотникот одговори и рече: „Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави;
9 зашто и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: ‚Оди!‘ и тој оди; на другиот: ‚Дојди!‘ и тој доаѓа; и на слугата мој: ‚Направи тоа!‘ и тој прави.“
10 Кога го чу тоа, Исус се восхити и им рече на оние што врвеа по Него: „Вистина ви велам: ниту во Израил не најдов толкава вера.
11 И ви велам дека мнозина ќе дојдат од Исток и од Запад и ќе седнат на трпеза со Авраам, Исак и Јаков во царството небесно,
12 а синовите на царството ќе бидат фрлени во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби.“
13 И му рече Исус на стотникот: „Оди си и, нека ти биде според верата твоја!“ И слугата негов во тој час оздраве.
14 Кога дојде во домот на Петар, Исус ја виде тештата негова како лежи болна од треска,
15 и се допре до раката нејзина, и треската ѝ помина; таа стана и им служеше.
16 А кога се стемни, доведоа кај Него мнозина бесомачни, и Тој со збор ги изгони духовите и ги излекува сите болни,
17 за да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели: „Тој ги зеде нашите немоќи и ги понесе болестите.“
18 Кога виде Исус околу Себе многу народ, им заповеда на учениците да минат на другата страна.
19 И откако пристапи до Исус еден книжник, му рече: „Учителе, ќе врвам по Тебе каде и да одиш.“
20 А Исус му рече: „Лисиците имаат легла и птиците небески – гнезда; а Синот Човечки нема каде глава да потслони.“
21 Друг, пак, од учениците Негови Му рече: „Господи, дозволи ми најнапред да отидам да го погребам татко ми.“
22 Но Исус му рече: „Врви по мене и остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци!“
23 И кога Тој влезе во коработ, по Него влегоа и учениците Негови.
24 И ете, настана голема бура во морето, така што брановите го покриваа коработ, а Тој спиеше.
25 Тогаш учениците пријдоа до Него, Го разбудија и рекоа: „Господи, спаси нѐ, загинуваме!“
26 А Тој им рече: „Зошто сте плашливи, маловерни?“ Потоа стана, им заповеда на ветровите и на морето, и настана голема тишина.
27 А луѓето се зачудија и рекоа: „Кој е Овој, та и ветровите и морето Му се покоруваат?“
28 И кога пристигна на другата страна во земјата Гергесинска, Го сретнаа двајца бесомачни, кои излегуваа од гробовите; беа толку лоши што никој не можеше да мине по тој пат.
29 И ете, извикаа и рекоа: „Што имаш со нас Ти, Исусе, Сине Божји!? Зар си дошол тука пред време да нѐ мачиш?“
30 А далеку од нив пасеше големо крдо свињи.
31 И демоните Го молеа и говореа: „Ако нѐ изгониш, дозволи ни да влеземе во крдоно свињи!“
32 И Тој им рече: „Отидете!“ И тие откако излегоа, отидоа во свињите. И одеднаш целото крдо свињи јурна низ стрмнината во морето и се издавија во водата.
33 А свињарите побегнаа и кога дојдоа во градот, раскажаа за сето тоа и за бесомачните.
34 И ете, излезе целиот град да Го пресретне Исуса и кога Го видоа, Го замолија да си замине од нивниот крај.