18 А она што излегува од устата, излегува од срцето и тоа го осквернува човекот;
19 зашто од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули;
20 тоа го осквернува човекот. А да се јаде со неизмиени раце, тоа не го осквернува човекот.“
21 И кога излезе оттаму Исус, замина во краевите Тирски и Сидонски.
22 И ете, една жена Хананејка, излезе од оние краишта, повика кон Него, велејќи: „Смилувај ми се, Господи, Сине Давидов! Ќерка ми жестоко ја мачи демон.“
23 Но Тој не ѝ одговори ниту збор. И откако пристапија до Него, учениците Негови Го молеа и велеа: „Отпушти ја, зашто вика по нас.“
24 А Тој одговори и рече: „Јас сум пратен само кај загубените овци на домот израилев.“