17 И кога ги остави, излезе надвор од градот, во Витанија, и таму преноќи.
18 А утредента, враќајќи се во градот, огладне;
19 и виде покрај патот смоква, па отиде до неа; откако не најде на неа ништо освен лисја, рече: „Од сега да нема плод на тебе довека!“ И смоквата веднаш се исуши.
20 Штом го видоа тоа, учениците се зачудија и рекоа: „Како веднаш се исуши смоквата!“
21 А Исус им одговори и рече: „Вистина, ви велам: ако имате вера и не се посомневате, не само тоа што стана со смоквата ќе го правите, туку, ако и на оваа планина ѝ речете – дигни се и фрли се в море, ќе биде.
22 И сѐ што ќе побарате во молитва со вера, ќе добиете.“
23 И кога дојде Тој во храмот и поучуваше, пристапија кон Него првосвештениците и старешините народни и рекоа: „Со каква власт го правиш тоа и кој Ти ја дал таа власт?“