21 Тие одговорија: „На царот.“ Тогаш им рече: „Подајте го царевото на царот, а Божјото на Бога!“
22 И штом го чуја тоа, тие се восхитија и откако го оставија, си отидоа.
23 Во истиот ден пристапија кон Него и садукеите, кои велат дека нема воскресение, и Го прашаа,
24 говорејќи: „Учителе, Мојсеј рече: ‚Ако умре некој без деца, тогаш брат му нека ја земе жената негова и нека му подигне потомство на својот брат!‘
25 Кај нас имаше седуммина браќа; првиот се ожени и умре; па, бидејќи немаше пород, ја остави жената своја на брата си;
26 исто така направи и вториот, и третиот, сѐ до седмиот;
27 а по сите нив умре и жената.