Матеј 23:13-19 MK2006D

13 „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, затоа што го затворате царството небесно пред луѓето; зашто, ниту вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние што сакаат да влезат.

14 Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто ги подјадувате домовите на вдовиците и лицемерно долго се молите; заради тоа ќе добиете поголема осуда.

15 Тешко вам книжници и фарисеи, лицемери, зашто обиколувате по море и по копно за да добиете еден следбеник, и кога тоа ќе се случи, тогаш го правите син на пеколот, двојно поголем од вас.

16 Тешко вам, водачи слепи, кои велите: ‚Ако се заколне некој во храмот, не е ништо; но ако се заколне некој во златото на храмот, виновен е.‘

17 Безумни и слепи! Што е поголемо: златото или храмот којшто го осветува златото?

18 Исто така велите: ‚Ако некој се заколне во жртвеникот, ништо не е; но, ако некој се заколне во дарот што е на него, виновен е.‘

19 Безумни и слепи! Што е посвето: дарот или жртвеникот што го осветува дарот?