Матеј 26:36-42 MK2006D

36 Потоа отиде Исус со нив на едно место, наречено Гетсиманија, и им рече на учениците: „Поседете тука, додека отидам онаму да се помолам.“

37 И кога ги поведе со себе Петар и двајцата Заведееви синови, се натажи и почна да тагува.

38 Тогаш Исус им рече: „Смртно е нажалена Мојата душа; останете тука и бидете будни со Мене!“

39 Оддалечувајќи се малку, падна на лицето свое; се молеше и говореше: „Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но, не како Јас што сакам, туку како Ти.“

40 Па дојде кај учениците и ги затече како спијат, и му рече на Петар: „Толку ли не можевте еден час да останете со Мене будни!?

41 Бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо.“

42 Пак и по втор пат отиде и се помоли, говорејќи: „Оче Мој, ако не може да ме одмине оваа чаша без да ја пијам, нека биде волјата Твоја!“