47 Додека Тој уште говореше, ете, Јуда, еден од дванаесетмината, дојде, и со него многу луѓе со мечеви и стапови, испратени од првосвештениците и старешините народни.
48 А оној, што Го предаваше, им беше дал знак, велејќи: „Фатете Го Тој што ќе го целивам!“
49 И веднаш му пријде на Исус и Му рече: „Те поздравувам, Рави!“ И Го целива.
50 А Исус му рече: „Пријателе, зошто си дошол?“ Тогаш пристапија, положија раце на Исус и Го фатија.
51 И ете, еден од оние што беа со Исус, протегна рака и го извади ножот свој, па го удри слугата на првосвештеникот, и му го отсече увото.
52 Тогаш Исус му рече: „Врати го ножот на неговото место. Зашто сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат;
53 или мислиш дека не можам да Го помолам сега Својот Отец да Ми прати повеќе од дванаесет легиони ангели?