56 Но сето тоа стана за да се исполнат пророчките Писма.“ Тогаш сите ученици Го оставија и се разбегаа.
57 А оние што Го фатија Исус, Го одведоа кај првосвештеникот Кајафа, каде што беа собрани книжниците и старешините.
58 Петар, пак, одеше по Него оддалеку, до дворот на првосвештеникот; и влезе внатре, па седна со слугите за да го види крајот.
59 А првосвештениците и старешините, и целиот Синедрион бараа лажно сведоштво против Исус за да Го погубат
60 и не наоѓаа; и, макар што пристапија многу лажни сведоци, не најдоа. Но најпосле дојдоа двајца лажни сведоци
61 и рекоа: „Овој кажа: ‚Можам да го урнам Божјиот храм и за три дни да го соѕидам.‘“
62 Тогаш стана првосвештеникот и Му рече: „Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?“