46 а околу деветтиот час извика Исус со силен глас и рече: „Или! Или! Лама савахтани?“ А тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави!“
47 А некои од оние што стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој го вика Илија!“
48 И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во оцет и го надена на трска, па Му даваше да пие.
49 Другите, пак, велеа: „Чекајте, да видиме, дали ќе дојде Илија да Го спаси!“
50 А Исус, откако повторно извика со силен глас, го испушти духот.
51 И ете, се расцепи завесата на храмот на две – од горе до долу; и земјата се затресе; и карпи се распаднаа;
52 и гробови се отворија; и многу тела на упокоени светии воскреснаа;