9 и немојте да говорите во себе: ‚Наш татко е Авраам‘, зашто Бог може, ви велам, и од овие камења да му подигне чеда на Авраам.
10 Секирата веќе лежи до коренот на дрвото: зашто секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган.
11 Јас ве крштевам со вода за покајание, но Оној што иде по мене е посилен од мене; јас не сум достоен да Му ги понесам ни обувките; Тој ќе ве крсти со Дух Свети и со оган.
12 Лопатата е во рацете Негови и Тој ќе го очисти гумното Свое и ќе Си го прибере житото во житницата, а плевата ќе ја изгори со оган што не гасне.“
13 Тогаш дојде Исус од Галилеја на Јордан кај Јован за да се крсти од него.
14 А Јован Го одвраќаше, велејќи: „Јас треба од Тебе да бидам крстен, а Ти кај мене ли доаѓаш!?“
15 Но Исус му одговори и рече: „Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда.“ Тогаш го остави.