23 ако, пак, твоето око биде лошо, целото твое тело ќе биде темно. И така, ако светлината, што е во тебе, е темнина, тогаш колкава ли ќе е темнината?“
24 „Никој не може да им слугува на двајца господари: зашто, или едниот ќе го замрази, а другиот ќе го засака; или кон едниот ќе се приврзе, а другиот ќе го презре. Не можете да им служите на Бога и на Мамон.
25 Затоа ви велам: немојте да се грижите за вашата душа – што ќе јадете или што ќе пиете; ниту за вашето тело, во што ќе се облечете. Зар не чини душата повеќе од храната, и телото – од облеката?
26 Погледнете ги птиците небески: тие ниту сеат, ниту жнеат, ниту во амбар собираат, но вашиот небесен Отец ги храни. Зар не сте вие многу поскапи од нив?
27 А кој од вас, грижејќи се, може на својот раст да му придаде макар еден лакт?
28 Зошто се грижите и за облеката? Погледнете ги полските кринови како растат! Не се трудат, ниту предат;
29 но ви велам дека ниту Соломон, во целата своја слава не се облече така, како еден од нив.