Матеј 6:24-30 MK2006D

24 „Никој не може да им слугува на двајца господари: зашто, или едниот ќе го замрази, а другиот ќе го засака; или кон едниот ќе се приврзе, а другиот ќе го презре. Не можете да им служите на Бога и на Мамон.

25 Затоа ви велам: немојте да се грижите за вашата душа – што ќе јадете или што ќе пиете; ниту за вашето тело, во што ќе се облечете. Зар не чини душата повеќе од храната, и телото – од облеката?

26 Погледнете ги птиците небески: тие ниту сеат, ниту жнеат, ниту во амбар собираат, но вашиот небесен Отец ги храни. Зар не сте вие многу поскапи од нив?

27 А кој од вас, грижејќи се, може на својот раст да му придаде макар еден лакт?

28 Зошто се грижите и за облеката? Погледнете ги полските кринови како растат! Не се трудат, ниту предат;

29 но ви велам дека ниту Соломон, во целата своја слава не се облече така, како еден од нив.

30 Па, ако полската трева, што денеска ја има, а утре во печка се фрла, Бог така ја облекува, а колку ли повеќе вас, маловерни!?