12 А Исус, кога го чу тоа, им рече: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните;
13 одете и научете се што значи: ‚Милост сакам, а не жртва‘. Зашто не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание.“
14 Тогаш кај Него дојдоа учениците Јованови и рекоа: „Зошто ние и фарисеите постиме многу, а Твоите ученици не постат!?“
15 А Исус им рече: „Зар можат сватовите да бидат нажалени додека е со нив младоженецот? Но ќе дојде време кога младоженецот ќе биде оттргнат од нив, па тогаш и тие ќе постат.
16 Затоа што никој не крпи стара облека со нова крпа, зашто таа ќе се отшие од старото и отворот ќе биде поголем;
17 ниту, пак, се става ново вино во стари мевови; инаку, мевовите ќе напукнат, и виното ќе истече и мевовите ќе пропаднат; туку ново вино се става во нови мевови, па така ќе се запази и едното и другото.“
18 Додека Тој им говореше за тоа, ете еден началник пријде до Него, Му се поклонуваше и велеше: „Ќерка ми штотуку умре; туку дојди, положи ја раката Своја над неа и таа ќе оживее.“