8 А народот кога го виде тоа, се восхити и Го прослави Бога, Кој им даде таква власт на луѓето.
9 А заминувајќи оттаму, Исус виде еден човек, по име Матеј, како седи во царинарницата и му рече: „Врви по Мене!“ И тој стана и тргна по Него.
10 И кога седеше Исус на трпеза дома, одеднаш мнозина цариници и грешници дојдоа и седнаа до Него и до учениците Негови.
11 Но штом го видоа тоа фарисеите, им рекоа на учениците Негови: „Зошто вашиот Учител јаде и пие со цариници и грешници?“
12 А Исус, кога го чу тоа, им рече: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните;
13 одете и научете се што значи: ‚Милост сакам, а не жртва‘. Зашто не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание.“
14 Тогаш кај Него дојдоа учениците Јованови и рекоа: „Зошто ние и фарисеите постиме многу, а Твоите ученици не постат!?“