1 Во Кесарија имаше еден човек, по име Корнилиј, стотник од таканаречената Италска чета.
2 Тој беше благочестив и богобојазлив човек, заедно со целиот негов дом; изобилно му даваше милостина на народот и секогаш Му се молеше на Бога.
3 Еднаш околу деветтиот час од денот, тој виде најаве ангел Божји, како доаѓа кај него и му вели: „Корнилиј!“
4 А тој го впери погледот во него и сиот уплашен рече: „Што е Господи?“ Тој му рече: „Бог си спомна за молитвите твои и милостините твои.
5 И сега, прати луѓе во Јопија и повикај го Симон, кого го викаат Петар.
6 Тој престојува таму како гостин кај некој си кожар Симон, чија куќа се наоѓа покрај морето. Тој ќе ти каже зборови преку кои ќе се спасиш ти и целиот твој дом.“
7 Кога си отиде ангелот што му зборуваше, Корнилиј повика двајца од своите слуги и еден благочестив војник, кои постојано се наоѓаа кај него;
8 па, откако им кажа сѐ, ги прати во Јопија.
9 Утредента, додека тие патуваа и наближуваа до градот, Петар околу шестиот час се качи на рамниот покрив од куќата да се помоли.
10 И бидејќи беше огладнел, сакаше нешто да јаде; а додека му приготвуваа, тој падна во занес,
11 и го виде небото отворено и некаков сад како слегува кон него, сличен на некое големо платниште, врзано за четирите краишта, и се спушташе на земјата.
12 Во него имаше секакви четириножни животни, ѕверови, влекачи земни и птици небески.
13 И дојде глас кон него: „Петре, стани, заколи и јади!“
14 А Петар рече: „Никако, Господи, зашто никогаш не сум јадел погано или нечисто.“
15 И повторно дојде глас кон него: „Она што Бог го очистил, ти не го сметај за нечисто!“
16 Тоа се повтори трипати, а садот пак се крена кон небото.
17 И додека Петар беше во недоумица што значи тоа видение што го виде, ете ги луѓето, испратени од Корнилиј, кои откако се распрашаа и го најдоа домот на Симон, застанаа пред портата.
18 Тогаш повикаа и прашаа: „Овде ли гостува Симон, наречен Петар?“
19 И додека Петар размислуваше за видението, Духот му рече: „Ете, те бараат тројца луѓе.
20 Туку стани, слези и оди со нив, не размислувајќи ништо; зашто Јас ги пратив!“
21 Штом слезе кај луѓето, испратени од Корнилиј кај него, Петар рече: „Јас сум тој, кого го барате. Зошто сте дошле?“
22 А тие му одговорија: „Стотникот Корнилиј, човек праведен и богобојазлив, познат по своите добрини меѓу сиот јудејски народ, прими заповед од свет ангел да те повика во својот дом и да ги послуша твоите зборови.“
23 Тогаш Петар ги повика внатре и ги нагости. А утрината стана и отиде со нив; со него заминаа и некои браќа од Јопија.
24 Следниот ден тие пристигнаа во Кесарија. А Корнилиј ги чекаше, повикувајќи ги своите роднини и блиски пријатели.
25 Додека Петар влегуваше, Корнилиј му дотрча во пресрет, падна пред нозете негови и му се поклони.
26 А Петар го подигна и му рече: „Стани, и јас сум само човек.“
27 И така разговарајќи со него, влезе внатре, каде што најде мнозина собрани.
28 И им рече: „Вие знаете дека на човек Јудеец му е забрането да се дружи или да оди кај човек од друг род. Но мене Бог ми покажа ниеден човек да не го нарекувам поган или нечист.
29 Затоа, кога бев поканет, дојдов без двоумење. Сега ве прашувам, зошто ме повикавте?“
30 И Корнилиј одговори: „Пред четири дена, сѐ до овој час постев, а во деветтиот час се молев во својот дом. Одеднаш, пред мене застана човек во светла облека,
31 и ми рече: ‚Корнилиј, твојата молитва е услишена, и за твоите милостини Бог Си спомна.
32 Затоа прати некого во Јопија и повикај го Симон, наречен Петар; тој сега престојува на гости кај Симон Кожарот, покрај морето. Тој ќе дојде и ќе ти зборува.‘
33 Затоа јас веднаш пратив луѓе по тебе, и ти добро направи што дојде. Сега, пак, ние сите стоиме пред Бога за да слушнеме сѐ што ти е од Бога заповедано.“
34 Тогаш Петар ја отвори устата и рече: „Навистина сфаќам дека Бог не гледа на лице;
35 туку, напротив, Нему му е мил во секој народ оној кој има страхопочит кон Него и постапува праведно.
36 Тој им го прати на синовите Израилеви словото, благовестувајќи мир преку Исус Христос, Кој е Господ на сите.
37 Вие знаете за сето она што се случуваше по цела Јудеја, почнувајќи од Галилеја, по крштевањето што го проповедаше Јован:
38 како Го помаза Бог со Дух Свети и со сила Исус од Назарет, и како Тој одеше вршејќи добри дела и исцелувајќи ги сите што беше ги нападнал ѓаволот, зашто Бог беше со Него.
39 И ние сме сведоци за сѐ што направи Тој во земјата Јудејска и во Ерусалим. Него Го убија, приковувајќи Го на крст.
40 Него Бог Го воскресна на третиот ден и Му даде да се појави,
41 но не на сиот народ, туку само нам, предизбрани од Бога сведоци, кои јадевме и пиевме со Него по Неговото воскреснување од мртвите.
42 И ни заповеда да им проповедаме на луѓето и да сведочиме дека Тој е од Бога определениот Судија над живите и мртвите.
43 Сите пророци сведочат за тоа дека секој што ќе поверува во Него, ќе добие простување на гревовите преку Неговото име.“
44 Додека Петар уште ги зборуваше тие зборови, Дух Свети слезе над сите што го слушаа словото.
45 А обрезаните верници, што беа дојдени заедно со Петар, се изненадија што дарот на Светиот Дух се излеа и над незнабошците,
46 зашто ги слушаа како зборуваат на разни јазици и Го возвеличуваат Бога. Тогаш Петар рече:
47 „Може ли некој да ја забрани водата за да не бидат крстени оние кои Го примија Духот Свети како и ние?“
48 И им заповеда да бидат крстени во името на Исус Христос. Потоа тие го замолија да остане кај нив неколку дена.