1 Во Иконија тие заедно влегоа во јудејската синагога, и зборуваа така, што мнозина Јудејци и Елини поверуваа.
2 А Јудејците, што не поверуваа, ги побунија и раздразнија духовите на незнабошците против браќата.
3 Но тие сепак останаа тука доста време и смело говореа за Господ, Кој сведочеше за словото на Својата благодат, давајќи преку нивните раце да стануваат знаци и чуда.
4 А народот во градот се раздели: едни беа со Јудејците, а други со апостолите.
5 И кога незнабошците и Јудејците, со своите началници се готвеа да ги хулат и да ги каменуваат,
6 тие, штом разбраа, се засолнија во ликаонските градови Листра и Дерва и во нивната околина.
7 Таму почнаа да го проповедаат Евангелието.
8 Во Листра седеше еден човек, немоќен во нозете. Тој бил сакат од мајчината утроба, не можел да оди никогаш.
9 Тој слушаше додека Павле зборуваше; а Павле, го впери во него погледот и виде дека во него има вера дека може да оздрави,
10 па му рече со висок глас: „Тебе ти велам, во името на Господа Исуса Христа: исправи се на нозете свои!“ И тој скокна и почна да оди.
11 А луѓето, кога видоа што направи Павле, го подигнаа гласот свој и извикаа на ликаонски: „Боговите слегле кај нас во човечки лик!“
12 И Варнава го нарекоа Зевс, а Павле Хермес, бидејќи тој го водеше зборот.
13 Жрецот, пак, на Зевс, чиј кип се наоѓаше пред новиот град, откако доведе јунци и венци пред портата, сакаше заедно со народот да принесе жртва.
14 Но апостолите Варнава и Павле, кога слушнаа за тоа, ги раскинаа своите облеки, се втурнаа меѓу народот, гласно викајќи:
15 „Луѓе, зошто го правите ова? И ние сме смртни како и вие, но ви проповедаме да се обратите од овие празноверија кон живиот Бог, Кој ги создаде небото и земјата, морето и сѐ што е во нив;
16 Кој поранешните поколенија на народите ги остави да врват по нивните патишта,
17 иако не престануваше да сведочи за Себе, правејќи ни добро со праќање дождови од небото и плодоносни времиња и исполнувајќи ги срцата наши со храна и веселост.“
18 И зборувајќи за ова, одвај го убедија народот да не им принесува жртва, (туку секој да си оди во својата куќа. Додека се наоѓаа таму и поучуваа),
19 од Антиохија и од Иконија пристигнаа некои Јудејци. (И кога апостолите зборуваа отворено, тие го убедија народот да ги напушти, велејќи дека ништо вистинско не зборуваат, туку само лажат;), а кога го придобија народот, го каменуваа Павле, па го извлекоа надвор од градот, мислејќи дека е мртов.
20 Кога се собраа околу него учениците, тој стана и се врати во градот. Утредента со Варнава заминаа за Дерва.
21 И, откако го проповедаа Евангелието во тој град и мнозина придобија за свои ученици, тие се вратија во Листра, Иконија и Антиохија.
22 Тие ги зацврстуваа душите на учениците и, храбрејќи ги да бидат истрајни во верата, ги учеа дека во царството Божјо треба да влеземе преку многу маки.
23 Па, откако им ракоположија свештеници за секоја црква, се помолија со пост, и ги предадоа на Господ, во Кого беа поверувале.
24 А потоа минаа низ Писидија, и дојдоа во Памфилија;
25 и, откако го проповедаа словото Господово во Перга, слегоа во Аталија,
26 а оттаму отпловија за Антиохија, откаде што беа предадени на Божјата благодат за делото што го завршија.
27 По нивното пристигнување тие ја собраа црквата, и соопштија за сѐ, што направи Бог со нив и како Тој ја отворил вратата на верата и за незнабошците.
28 И таму престојуваа подолго време со учениците.