1 Кога беше одлучено да отпловиме за Италија, Павле и неколку други затвореници ги предадоа на еден стотник, по име Јулиј, од царската чета.
2 Се качивме на еден адрамитски кораб, кој требаше да плови покрај азиските места, и така отпловивме. Со нас беше Аристарх, Македонец од Солун.
3 На другиот ден стигнавме во Сидон. И Јулиј, кој постапуваше со Павле човекољубиво, му дозволи да појде до пријателите свои, за да се погрижат за него.
4 Кога тргнавме оттаму, пловевме во заветрината на Кипар, бидејќи ветровите дуваа спротивно,
5 и, откако го препловивме морето покрај Киликија и Памфилија, стигнавме до Мира Ликиска.
6 Таму стотникот најде еден александриски кораб, кој пловеше за Италија, и нѐ префрлија во него.
7 И пловејќи полека многу дни, одвај стигнавме до Крит. Бидејќи ветрот нѐ спречуваше да влеземе таму, допловивме под Крит покрај Салмона.
8 И, откако со мака пловевме покрај неа, стигнавме до едно место, наречено Добри Пристаништа, близу кое се наоѓаше градот Ласеја.
9 Откако мина многу време и пловењето стана веќе многу поопасно, а и постот беше веќе минал, Павле ги опомена
10 и им рече: „Гледам, луѓе, дека пловењето ќе биде мачно и со голема штета не само за товарот на коработ, туку и за животите наши.“
11 Но стотникот повеќе му веруваше на кормиларот и сопственикот на бродот отколку на зборовите Павлови.
12 А бидејќи пристаништето не беше погодно за презимување, многумина изјавија дека сакаат оттаму да отпловат, ако е можно, до Феникс, критското пристаниште, кое се наоѓа спроти југозападниот и северозападниот ветар, и таму да презимуваат.
13 А кога дувна југот, тие помислија дека можат да ја остварат својата цел, ја кренаа котвата и запловија покрај Крит.
14 Но наскоро против нив се дигна бурниот ветар, наречен Евракилон.
15 И штом го зграби коработ, бидејќи не можеше да му се противстави на ветрот, ние им се препуштивме на брановите да нѐ носат.
16 Минувајќи покрај едно островче, кое се вика Кавда, одвај можевме да го задржиме коработ.
17 Кога го извлекоа, употребија секакви средства и го врзаа коработ одоздола; бидејќи се плашеа да не се насукаат на Сиртите, ги спуштија едрата и така бевме носени од струјата.
18 На другиот ден, бидејќи бевме силно фрлани од бурата, почнаа да го исфрлуваат товарот,
19 а на третиот ден сами со рацете свои ја исфрлаа опремата на коработ.
20 Но, бидејќи во текот на многу дни не се појави ни сонце, ни ѕвезда, а беснееше и прилично голема бура, понатаму исчезнуваше секаква надеж дека ќе се спасиме.
21 И бидејќи веќе долго време не беа јадени, Павле застана сред нив и рече: „Луѓе, браќа, требаше да ме послушате и да не тргаме од Крит, и ќе ги избегневме овие маки и штети.
22 А сега ви советувам да бидете бодри, зашто ниедна душа од вас нема да загине, освен коработ.
23 Бидејќи ноќеска ми се јави ангелот од Бога, Чиј сум и Кому Му служам,
24 и рече: ‚Не плаши се, Павле, ти треба да излезеш пред царот; и ете, Господ ти ги дарува сите, што пловат со тебе.‘
25 Затоа, браќа, не плашете се, зашто Му верувам на Бога дека ќе се случи така, како што ми беше речено.
26 Но, треба да бидеме исфрлени на еден остров.“
27 Беше веќе четиринаесетта ноќ, откако бевме носени наваму – натаму по Јадранското Море, кога кон полноќ морнарите насетија дека се приближуваат до некакво копно,
28 и, кога ја измерија длабочината, открија дека изнесува дваесет фати; па отидоа малку потаму, измерија пак и најдоа петнаесет фати.
29 И бидејќи се плашеа да не удрат на карпести места, од страната на кормилото спуштија четири котви, па чекаа да осамне.
30 А кога морнарите намислија да побегнат од коработ, и спуштија чун во морето како да ќе спуштаат котви од предната страна,
31 Павле му рече на стотникот и на војниците: „Ако овие не останат на коработ, вие не можете да се спасите.“
32 Тогаш војниците ги пресекоа јажињата на чунот и го оставија да падне долу.
33 И пред да осамне, Павле ги покани сите да каснат, велејќи: „Денес е четиринаесетти ден, откако во исчекување стоите гладни, не вкусувајќи ништо.
34 Затоа, ве молам, каснете: тоа ќе ви го спаси животот. Впрочем, на ниеден од вас нема да му падне ни влакно од главата.“
35 Штом го рече тоа, зеде леб, Му благодари на Бога пред сите, прекрши и почна да јаде.
36 Тогаш се ободрија сите и зедоа храна;
37 а во коработ нѐ имаше вкупно двесте седумдесет и шест души.
38 И кога се поткрепија, почнаа да го олеснуваат коработ, исфрлувајќи го житото в море.
39 Штом се раздени, земјата не ја познаа, но забележаа еден залив со песок, на кој решија, ако им појде од рака, да го извлечат коработ.
40 И дигајќи ги котвите, се заплови по морето; а покрај другото ги разлабавија и врските на кормилата, го развија малото едро спрема ветрецот што дуваше, та пловеа кон брегот.
41 Но удирајќи на еден гребен, прамецот на коработ се заби и веќе не се помрдна, а задниот дел од коработ се разбиваше од силата на брановите,
42 Војниците, пак, помислија да ги убијат затворениците, за да не исплива некој и да побегне.
43 Но стотникот, сакајќи да го спаси Павле, ги одврати од таа намера и заповеда најнапред да скокнат и да излезат на земја оние, што знаат да пливаат,
44 а другите – кој на штица, кој на штогоде од коработ. И така излегоа сите живи и здрави на земја.