Дела 16 MK2006D

Тимотеј ги придружува Павле и Сила

1 Тој пристигна во Дерва и Лис­тра. И ете, таму живееше некој си ученик, по име Тимотеј, син на Ју­деј­ка, која ја прифати верата, и на татко Елин;

2 тој ученик беше на добар глас меѓу браќата во Листра и Иконија.

3 Павле посака да го земе со себе. Затоа откако го зеде, го обреза поради Јудејците, кои живееја по тие места; зашто сите знаеја дека татко му е Елин.

4 И додека минуваа низ градовите, тие им порачуваа на верните да пазат на од­редбите, определени од апостолите и старешините во Ерусалим.

5 И така, црквите се утврдуваа во ве­ра­та, а и по број се зголемуваа секој ден.

Павле повикан во Македонија

6 Така тие ги преминаа Фригија и Галатискиот крај, зашто ним не им бе­ше допуштено од Светиот Дух да го проповедаат словото во Азија.

7 А кога дојдоа во Мизија, се обидоа да отидат во Витинија; но Духот на Исус не ги пушти.

8 И кога ја напуштија Мизија, тие слегоа во Троада.

9 Преку ноќта Павле имаше видение: стоеше пред него еден човек, Ма­ке­до­нец, кој го молеше и му велеше: „Дојди во Македонија и помогни ни!“

10 По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи сфа­тив­ме дека Господ нѐ повикал таму да го разгласуваме Евангелието.

Крштевањето на Лидија од Македонија

11 И така, откако отпловивме од Тро­ада, стигнавме право во Самотраки, а утредента – во Неапол,

12 и оттаму во Филипи. Тој е главен град во тој дел на Македонија и римска колонија. Во тој град престојувавме не­колку дена.

13 А во саботата излеговме надвор од градот покрај една река, каде што имаа обичај да се молат, и кога седнавме, им зборувавме на собраните жени.

14 И една богобојазлива жена од градот Тиатир, по име Лидија, која продаваше црвени ткаенини, слушаше; и Господ ѝ го отвори срцето да внимава на она, што го зборуваше Павле.

15 А кога беше крстена таа и нејзини­те домашни, нѐ замоли и рече: „Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете во мојата куќа и престојувајте во неа!“ И нѐ принуди.

Во затворот на Филипи

16 Еднаш, кога одевме на молитва, по патот нѐ сретна една слугинка, која имаше гатачки дух. Таа на господарите свои им донесуваше големи приходи од гатањето.

17 И одејќи по Павле и по нас другите викаше, зборувајќи: „Овие луѓе се слуги на Севишниот Бог! Тие го навестуваат патот на спасението.“

18 Ова го правеше таа многу дни. И кога му здодеа на Павле, тој се сврте и му рече на духот: „Ти заповедам во име­то на Исус Христос излези од неа!“ И излезе во истиот час.

19 Штом видоа господарите нејзини дека пропадна надежта за нивното бо­га­тење, ги фатија Павле и Сила, и ги дов­лечкаа на плоштадот кај началниците.

20 И кога ги приведоа пред управ­ници­те, рекоа: „Овие луѓе, што се Јудејци, го бунтуваат нашиот град

21 и проповедаат обичаи што нам, ка­ко Римјани, не ни доликува ни да ги примаме, ниту да ги извршуваме.“

22 Тогаш се нафрли на нив народот; а управниците, штом им ги раскинаа алиштата, започнаа да ги тепаат со стапови;

23 и, откако ги испотепаа многу, ги фрлија в затвор, а на затворскиот стра­жар му наредија да ги чува добро.

24 А стражарот, штом прими таква за­повед, ги фрли во повнатрешниот дел од затворот и нозете им ги стегна во клада.

25 На полноќ, пак, Павле и Сила се молеа и Го славеа Бога, а затворени­ци­те ги слушаа.

26 Одеднаш настана голем потрес, та­ка што и темелите на затворот се по­местија, и веднаш се отворија сите вра­ти и оковите на сите отпаднаа.

27 А стражарот на затворот, кога дој­де при свест и ги виде вратите на зат­во­рот отворени, извади меч и сакаше да се убие, зашто помисли дека зат­во­ре­ници­те избегале.

28 Но Павле викна со силен глас и ре­че: „Не задавај си врз себе никакво зло, бидејќи сите сме овде!“

29 А тој побара светло, истрча и рас­тре­перен падна пред Павле и Сила;

30 па, откако ги изведе надвор, рече: „Господари, што треба да направам, па да се спасам?“

31 А тие му одговорија: „Поверувај во Господ Исус Христос, и ќе се спасиш ти и целиот твој дом!“

32 И му го проповедаа словото Гос­по­дово нему и на сите што беа со него во куќата негова.

33 Во истиот час таа ноќ тој ги прими дома и им ги изми раните. Потоа вед­наш беше крстен тој самиот и сите не­гови домашни.

34 Тогаш ги одведе горе во својата ку­ќа, постави трпеза и се зарадува со це­лиот свој дом, зашто поверува во Бога.

35 А кога осамна, војводите пратија судски служители, кои рекоа: „Пушти ги оние луѓе!“

36 Затворскиот стражар му соопшти за тоа на Павле: „Градските судии пра­тија да ве ослободам. Затоа, излезете сите и одете си со мир!“

37 Но Павле им рече: „Зарем откако нас, римски граѓани, нѐ биеја пред на­ро­дот без суд и нѐ фрлија в затвор, са­каат сега тајно да нѐ пуштат? Не, нека дојдат и сами нека нѐ изведат!“

38 Градските служители им го кажаа тоа на градските судии; а тие се упла­шија, кога слушнаа дека се тие римски граѓани.

39 И дојдоа, па се извинија пред нив, ги изведоа и ги замолија да излезат од гра­дот.

40 А тие, штом излегоа од затворот, отидоа во домот на Лидија, ги видоа браќата, ги утешија и си тргнаа.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28