Дела 23 MK2006D

1 Павле го впери својот поглед кон Синедрионот и рече: „Луѓе браќа! До оној ден со најчиста совест пред Бога живеев!“

2 А првосвештеникот Ананија на оние, што стоеја пред него, им заповеда да го удрат по устата.

3 Тогаш Павле му рече: „Бог тебе ќе те удри, ѕиду варосан! Ти седиш, за да ме осудиш според Законот, а заповедаш да ме бијат против Законот!“

4 А оние што стоеја пред него, рекоа: „Божјиот првосвештеник ли го навредуваш?“

5 Павле одговори: „Не знаев, браќа, дека тој е првосвештеник; бидејќи е на­пишано: ‚Началникот на твојот народ да не го злословуваш.‘“

6 А кога дозна Павле дека еден дел од нив се садукеи, а другиот – фарисеи, из­вика во Синедрионот: „Луѓе браќа! Јас сум фарисеј, син на фарисеј; за надеж во воскресение на мртвите ми се суди!“

7 Кога го кажа тоа, настана расправија меѓу фарисеите и садукеите, и мно­зина од народот се раздвоија.

8 Зашто садукеите велат дека нема ни воскресение, ни ангел, ни дух; а фарисе­ите го признаваат и едното и другото.

9 Настана голема врева; и станаа книжниците од фарисејската страна и почнаа да се препираат, велејќи: „Ниш­то лошо не наоѓаме во овој човек; ако, пак, нему му зборувал дух или ангел, тогаш да не Му се противиме на Бога.“

10 И бидејќи настана голема ме­ша­ни­ца, заповедникот, уплашен да не го растргнат Павле, им заповеда на војниците да слезат и да го грабнат од нив и да го одведат во тврдината.

11 Ноќта му се јави Господ и му рече: „Не плаши се, Павле! И како што све­дочеше за Мене во Ерусалим, така ќе треба да сведочиш и во Рим.“

Заверата на Јудејците против Павле

12 А кога осамна, некои од Јудејците се договорија, се заколнаа со заклетва и си рекоа да не јадат, ниту да пијат додека не го убијат Павле.

13 Имаше повеќе од четириесет мажи што дадоа таква заклетва.

14 Па отидоа кај првосвештениците и старешините и рекоа: „Клетва си кла­довме ништо да не каснеме додека не го убиеме Павле.

15 Затоа вие од Синедрионот сооп­ште­те му сега на заповедникот да го доведе утре долу пред нас, небаре ќе сакате по­точно да го разгледате неговото дело; а ние, пред да наближи, ќе бидеме готови да го убиеме.“

16 Кога слушна за заседата синот на Павловата сестра, отиде, влезе во тврдината и му кажа на Павле.

17 А Павле повика еден стотник и му рече: „Одведи го ова момче кај заповедникот, зашто има нешто да му каже.“

18 И тој го зеде, го одведе кај заповедникот и рече: „Затвореникот Павле ме повика и замоли ова момче да го дове­дам кај тебе, зашто имало нешто да ти каже.“

19 Заповедникот го фати за рака, застана со него на страна и го праша: „Што имаш да ми кажеш?“

20 А тоа рече: „Јудејците се договорија да те молат да го одведеш утре Павле долу пред Синедрионот, небаре ќе са­ка­ат поточно да го испитуваат нешто во врска со неговото дело.

21 Но ти не им верувај, зашто ќе го че­каат четириесет, а и повеќе од чети­ри­есет нивни луѓе, што се заколнале да не јадат, ниту да пијат, сѐ додека не го убијат; и сега се веќе готови, чекаат само да им ветиш.“

22 Тогаш заповедникот го испрати момчето и му порача: „Никому не ка­жувај дека си ми го кажал ова!“

Павле испратен кај управителот Феликс

23 Потоа повика двајца стотници и рече: „Пригответе ми двесте војници, седумдесет коњаници и двесте стрелци, за да тргнат за Кесарија во третиот час ноќеска;

24 и пригответе добици, за да го качат Павле и да го одведат до намесникот Феликс!“

25 Напиша и писмо со оваа содржина:

26 „Клавдиј Лисиј испраќа поздрав до многупочитуваниот намесник Феликс.

27 Овој човек беа го фатиле Јудејците и сакаа да го убијат; јас се појавив со војска и го одзедов, бидејќи разбрав де­ка е римски граѓанин.

28 И сакајќи да ја дознаам причината, поради која го обвинуваат, го изведов пред нивниот Синедрион,

29 и дознав дека го обвинуваат по пра­шање од нивниот Закон, но дека нема никаква вина, поради која би заслужил смрт или окови.

30 И бидејќи ми беше соопштено дека Јудејците намислиле лошо против тој човек, јас го пратив веднаш кај тебе, от­како им порачав и на обвинителите да кажат пред тебе што имаат против не­го. Биди здрав!“

31 И така, војниците го зедоа Павле, и онака како што им беше заповедано, го одведоа ноќе во Антипатрида.

32 А на вториот ден се вратија во тврдината, откако ги оставија коњаниците да одат со него.

33 Оние што влегоа во Кесарија и му го предадоа писмото на намесникот, му го претставија и Павле.

34 Намесникот го прочита писмото и праша од кој крај е тој, и откако разбра дека е од Киликија, рече:

35 „Ќе те сослушам, кога ќе дојдат и твоите обвинители.“ И заповеда да го држат под стража во дворот Иродов.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28