1 А некои луѓе слегоа од Јудеја, и ги подучуваа браќата: „Ако не се обрезете според обичајот Мојсеев, не може да бидете спасени!“
2 А бидејќи настана бунт, и Павле и Варнава жестоко се препираа со нив, одлучија Павле и Варнава и некои други од нив да отидат горе кај апостолите и старешините во Ерусалим заради оваа препирка.
3 Тие, пак, испратени од црквата, патуваа низ Феникија и Самарија, и раскажувајќи за обраќањето на незнабошците, предизвикуваа голема радост кај сите браќа.
4 А кога пристигнаа во Ерусалим, ги примија црквата, апостолите и старешините, а тие известија за сѐ што направи со нив Бог и како ја отвори вратата на верата и за незнабошците.
5 Тогаш станаа некои од приврзаниците на фарисеите, што беа поверувале, и зборуваа дека тие треба да се обрезуваат, и да им се заповеда да го пазат Законот Мојсеев.
6 Апостолите и старешините се собраа да го разгледаат тоа прашање.
7 По долго расправање, стана Петар и им рече: „Луѓе браќа, вие знаете дека Бог од првите дни ме избра меѓу вас, незнабошците од мојата уста да го слушнат словото на Евангелието и да поверуваат;
8 и Бог, Кој ги познава срцата, им посведочи, и им даде Дух Свети како и нам.
9 Тој не направи никаква разлика меѓу нас и нив, зашто со верата ги очисти нивните срца.
10 Сега, пак, зошто Го искушувате Бога, ставајќи им на вратот на учениците јарем, што не можеа да го поднесат ни нашите татковци, ниту ние.
11 Но ние веруваме дека ќе се спасиме со благодатта на Исус Христос, исто како и тие.“
12 Тогаш замолкна сето мноштво и го слушаа Варнава и Павле, кои прикажуваа какви знаци и чудеса направил Бог преку нив меѓу незнабошците.
13 А кога тие престанаа, тогаш прозборе Јаков и рече: „Мажи браќа, слушнете ме!
14 Симон изложи како Бог најнапред ги посети незнабошците, за да избере од нив народ за Неговото име;
15 и со тоа се согласуваат и зборовите на Пророците како што е напишано:
16 ‚И потоа ќе се вратам и пак ќе го подигнам паднатиот дом на Давид, и неговите урнатини ќе ги поправам и ќе го издигнам,
17 за да Го побараат Господа и другите луѓе и сите народи, кои се наречени со Моето име.‘ Така вели Господ, Кој го прави сето ова.
18 Познати Му се на Бога сите Негови дела од создавањето на светов.
19 Затоа јас мислам дека не треба да им прават мачнотии на незнабошците, кои се обраќаат кон Бога,
20 туку да им се заповеда да се воздржуваат од идолски жртви, од блудство, од удавено и од крв, (и да не му прават на друг ништо, што ним не им е угодно).
21 Зашто Мојсеј уште од старо време во секој град има луѓе, кои го проповедаат, бидејќи го читаат по синагогите секоја сабота.“
22 Тогаш апостолите и старешините заедно со целата Црква одлучија да ги изберат меѓу себе Јуда, наречен Варнава, и Сила, истакнати мажи меѓу браќата, и заедно со Павле и Варнава да ги пратат во Антиохија.
23 И со своите раце им го напишаа следново писмо: „Апостолите, свештениците и браќата ги поздравуваат браќата од нееврејските народи што се во Антиохија и Сирија и Киликија.
24 Сме слушнале дека некои од нас, на кои ништо не сме им заповедале со зборови, ве вознемириле, и ги потресле душите ваши, велејќи ви да се обрезувате и да го пазите Законот.
25 Затоа, откако се собравме, еднодушно одлучивме да избереме луѓе и да ги пратиме кај вас заедно со нашите омилени Варнава и Павле,
26 луѓе, кои ги предадоа душите свои за името на нашиот Господ Исус Христос.
27 И така, ние ви ги пративме Јуда и Сила, кои ќе ви го кажат тоа и усмено.
28 Зашто Светиот Дух и ние одлучивме да не ви ставаме на вас никаков друг товар, освен она што е потребно:
29 да се воздржувате од месо принесено како жртва на идоли, од крв, од удавено, и од блудство и да не му правите на друг она што не сакате и вам да ви се случи. Ако внимавате на ова, добро ќе направите. Бидете здрави!“
30 И така испратени, тие дојдоа во Антиохија и кога го собраа народот, му го предадоа посланието.
31 А кога го прочитаа, се зарадуваа поради утешниот збор.
32 Јуда, пак, и Сила, кои и самите беа пророци, со многу зборови ги утешија браќата и ги поткрепија.
33 Откако престојуваа таму некое време ги пуштија браќата со мир кај оние што ги испратија.
34 Сила одлучи да остане, а само Јуда замина.
35 Павле, пак, и Варнава се задржаа во Антиохија, поучувајќи и благовестувајќи го словото Господово заедно со мнозина други.
36 По некое време Павле му рече на Варнава: „Да појдеме пак во сите градови, каде што го проповедавме словото Господово за да ги видиме како живеат.“
37 Варнава предложи да го земат со себе и Јован, наречен Марко.
38 Но Павле сметаше дека не доликува да го земат со себе оној, што се беше одделил од нив во Памфилија и не беше пошол со нив по работата, за која беа пратени.
39 Поради тоа дојде до жестока расправија, така што тие се разделија еден од друг; и Варнава, откако го зеде Марко, отплови за Кипар;
40 а Павле, пак, го избра Сила и замина, од браќата предаден на Божјата благодат.
41 И, минувајќи низ Сирија и Киликија, ги утврдуваше црквите.