1 По пет дена слезе првосвештеникот Ананија со старешините и со некој си говорник Тертил, па излегоа пред намесникот, обвинувајќи го Павле.
2 А кога го повикаа Павле, Тертил почна да го обвинува, велејќи:
3 „Секогаш и насекаде со голема благодарност признаваме дека преку тебе, многупочитуван Феликсе, кај нас има полн мир, а преку грижите твои – на овој народ му се дели вистинска правда.
4 Но, за да не ти одземеме многу време, те молам да нѐ ислушаш накратко со твојата кротост.
5 Утврдивме дека овој човек е чума и дека крева бунтови против сите Јудејци по вселената и дека е предводник на назарејската ерес.
6 Тој се обиде дури и храмот да го оскверни. Затоа ние го фативме и сакавме да му судиме според нашиот Закон;
7 но заповедникот Лисиј дојде и со голема сила го истргна од рацете наши, и го испрати кај тебе,
8 откако заповеда и ние, неговите обвинители, да дојдеме кај тебе. Ти ќе можеш сам да го испиташ и од него да дознаеш за што го обвинуваме ние.“
9 И Јудејците потврдуваа дека е така.
10 Намесникот му даде знак на Павле да зборува, а тој одговори: „Бидејќи знам дека од пред многу години си му судија на овој народ, со послободно срце ќе зборувам во моја одбрана.
11 Ти можеш да дознаеш дека нема повеќе од дванаесет дена откако се искачив во Ерусалим на поклонение.
12 Но не ме најдоа ниту во храмот некому да зборувам, или бунт да кревам меѓу народот, ни по синагогите, ниту, пак, во градот.
13 Ниту, пак, тие можат да го докажат она што сега ти зборуваат за мене.
14 Но ти признавам дека според учењето, кое тие го нарекуваат ерес, Му служам на Бога на нашите татковци, дека верувам во сѐ што е напишано во Законот и во Пророците,
15 дека се надевам на Бога, дека ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните, кое и тие сами го очекуваат.
16 А затоа и сам се трудам секогаш да имам чиста совест пред Бога и пред луѓето.
17 По многу години дојдов да му донесам на мојот народ милостина и приноси.
18 Тогаш, кога се бев очистил, ме најдоа во храмот, ни со народ, ниту со немир,
19 некои азиски Јудејци, кои требаше да се претстават пред тебе и да ме обвинат, ако имаат нешто против мене.
20 Или, пак, тие сами да кажат дали во мене нашле некаква неправда, кога се бев јавил пред Синедрионот, –
21 освен само овие зборови, кои, застанат пред нив, гласно ги изговорив: ‚Заради воскресението на мртвите ме судите вие денес.‘“
22 Кога го слушна тоа Феликс, тој го одложи делото, бидејќи добро знаеше за тоа учење, и рече: „Ќе го разгледам делото кога ќе дојде заповедникот Лисиј.“
23 И му заповеда на стотникот да го пази Павле, но да му дава извесна слобода, и да не запира никого од неговите блиски да му служат, или да доаѓаат кај него.
24 По неколку дена дојде Феликс со жената своја Друзила која беше Јудејка, па го повика Павле и слушаше од него за верата во Христос Исус.
25 А кога Павле зборуваше за правда, за воздржување и за идниот суд, Феликс се уплаши и одговори: „Сега оди си, а кога ќе најдам време, ќе те повикам.“
26 При ова се надеваше дека Павле ќе му даде пари за да го пушти; затоа често го повикуваше и разговараше со него.
27 Но кога изминаа две години, Феликса го замени Порциј Фест. И бидејќи сакаше да им угоди на Јудејците, Феликс го остави Павле во окови.