1 А Савле, дишејќи уште со застрашувања и убиства против учениците на Господа, дојде кај првосвештеникот
2 и побара од него писма за синагогите во Дамаск, така што, ако таму најде некои што го следат овој пат, мажи и жени, врзани да ги доведе во Ерусалим.
3 Но, додека по патот наближуваше до Дамаск, наеднаш го обзеде светлина од небото,
4 и, откако падна на земја, слушна глас што му зборуваше: „Савле, Савле, зошто Ме гониш?“
5 А тој одговори: „Кој си Ти, Господине?“ А Господ му рече: „Јас сум Исус, Кого Го гониш. Тешко е за тебе да се риташ против бодило.“
6 Тресејќи се од страв и ужас, тој праша: „Господи, што сакаш да направам?“ А Господ му рече: „Стани и влези во градот; и ќе ти се каже што треба да правиш!“
7 А луѓето, што одеа по него, стоеја занемени од вчудовиденост, зашто слушаа глас, а никого не гледаа.
8 Савле стана од земјата и, макар што му беа очите негови отворени, ништо не гледаше: и водејќи го за рака, го одведоа во Дамаск.
9 И три дена остана слеп, и ништо не јадеше, ниту пиеше.
10 Во Дамаск, пак, имаше еден ученик по име Ананија, кому во видение Господ му рече: „Ананија!“ А тој одговори: „Еве ме Господи!“
11 Тогаш Господ му рече: „Стани и оди во улицата што се вика Права, и во домот Јудин побарај го човекот од Тарс, по име Савле; ете, тој сега се моли.“
12 И во видение виде еден човек, по име Ананија, како му пријдува и полага раце над него, за да може да прогледа.
13 А Ананија одговори: „Господи, од мнозина сум слушал за тој човек колку зло им правел на Твоите светии во Ерусалим;
14 а тој и овде има овластување од првосвештениците да ги врзува сите што го повикуваат името Твое.“
15 Но Господ му рече: „Оди, зашто тој ми е избран сад, за да го изнесе името Мое пред народи и цареви и синовите Израилеви.
16 И Јас ќе му покажам колку треба тој да пострада заради името Мое.“
17 А Ананија отиде и влезе во куќата и, откако ги положи рацете свои над него, рече: „Брате Савле, Господ Исус, Кој ти се јави по патот, по кој доаѓаше, ме прати за да прогледаш и да се исполниш со Дух Свети.“
18 И одеднаш како лушпи да паднаа од очите негови, и тој прогледа и кога стана, се крсти.
19 А откако прими храна, Савле закрепна. Потоа неколку дена преседе со учениците во Дамаск;
20 и веднаш почна да проповеда во синагогите за Исус дека е Тој Син Божји.
21 И сите што го слушаа, се чудеа и зборуваа: „Не е ли ова оној, кој во Ерусалим ги гонеше оние што го повикуваа тоа Име, та затоа и овде дошол за да ги доведе врзани пред првосвештениците?“
22 А Савле стануваше сѐ посилен и ги збунуваше Јудејците кои живееја во Дамаск, докажувајќи им дека Овој е Христос.
23 Кога помина многу време, Јудејците се договорија да го убијат.
24 Но Савле дозна за нивниот заговор. Тие, пак, дење и ноќе го чекаа на портата за да го убијат.
25 Затоа учениците го зедоа ноќе и в кошница го спуштија по ѕидот.
26 А кога пристигнаа во Ерусалим, Савле настојуваше да им се придружи на учениците; но сите се плашеа од него, бидејќи не веруваа дека тој навистина е ученик.
27 Варнава, пак, го зеде и го одведе кај апостолите, па им раскажа како Савле по патот Го видел Господа, дека Господ му зборувал, а исто така и дека во Дамаск отворено го проповедал името на Исус.
28 И оттогаш тој остана со нив, влегуваше и излегуваше во Ерусалим, и смело говореше во името на Господа Исуса.
29 А зборуваше и се препираше исто така и со елинизираните Јудејци, кои се обидуваа да го убијат.
30 Штом разбраа за тоа браќата, го одведоа во Кесарија, од каде го испратија во Тарс.
31 А црквата по цела Јудеја, Галилеја и Самарија беше во мир, се изградуваше и живееше во страхопочит кон Господ, и растеше со утехата на Светиот Дух.
32 Петар откако ги обиколи сите, слезе и кај светиите што живееја во Лида.
33 Таму, пак, најде еден човек по име Енеј, кој цели осум години лежел на постела, зашто бил неподвижен.
34 И Петар му рече: „Енеј, тебе те исцелува Исус Христос. Стани и направи си ја постелата сам!“ И тој веднаш стана.
35 И го видоа сите што живееја во Лида и во Сарон, и се обратија кон Господ.
36 Во Јопија имаше една ученичка, по име Тавита, што значи срна; таа беше исполнета со милостина и добри дела, што ги правеше.
37 И токму во тоа време таа се разболе и умре. Тогаш ја измија и ја положија во горната одаја.
38 А бидејќи Лида беше близу до Јопија, учениците штом слушнаа дека е Петар таму, веднаш испратија двајца луѓе кај него, молејќи го да дојде до нив што побргу.
39 Петар стана и тргна кај нив. Кога пристигна, го одведоа во горната одаја. И дојдоа кај него сите вдовици, плачејќи и покажувајќи му ги ризите и облеките што ги беше правела Срна додека живееше со нив.
40 Петар, откако ги истера сите надвор, падна на колена, се помоли, па се сврте кон мртвото тело и рече: „Тавита, стани!“ И таа ги отвори очите свои, го погледна Петар и седна.
41 А Петар тогаш ѝ подаде рака и ја подигна. Тогаш ги повика светиите и вдовиците и им ја предаде жива.
42 И ова се разгласи по цела Јопија, и мнозина поверуваа во Господа.
43 А Петар престојуваше долго време во Јопија кај некој си кожар Симон.