1 Савле, пак, го одобруваше неговото убиство. Во тој ден започна голем прогон на Црквата во Ерусалим, и сите, освен апостолите, се распрснаа по пределите на Јудеја и Самарија.
2 А Стефан го погребаа побожни луѓе и приредија голема посмртна жалост.
3 Савле, пак, ја пустошеше Црквата, одеше по куќите и извлекуваше мажи и жени, па ги предаваше во затвор.
4 Тие што се беа распрснале, сега одеа наоколу благовестувајќи го словото.
5 Така Филип слезе во еден самарјански град и таму им Го проповедаше Христос.
6 Народот еднодушно внимаваше на тоа што зборуваше Филип, слушајќи и гледајќи ги чудата што ги правеше тој;
7 зашто нечисти духови со голем вик излегуваа од оние во кои се наоѓаа, и мнозина неподвижни и сакати оздравуваа.
8 И голема радост настана во тој град.
9 А во градот имаше еден човек по име Симон. Тој правеше магии и со тоа го вчудовидуваше народот од Самарија, велејќи за себе дека е тој голем човек.
10 Него го слушаа сите, од најмал до најголем, и велеа: „Овој е силата Божја, наречена Голема.“
11 А го слушаа внимателно, затоа што подолго време ги беше восхитувал со своите магии.
12 Но кога му поверуваа на Филип, кој го проповедаше Евангелието за царството Божјо и за името на Исус Христос, почнаа да се крштеваат мажи и жени.
13 Тогаш поверува и самиот Симон, и откако се крсти, постојано го придружуваше Филип; и, гледајќи дела големи и чудеса што се вршеа, се восхитуваше.
14 Кога слушнаа апостолите што беа во Ерусалим дека Самарија го примила словото Божјо, ги пратија кај нив Петар и Јован.
15 Тие, штом слегоа, се помолија за нив за да го примат Духот Свети.
16 Зашто сѐ уште не беше слегол ниту на еден од нив, а само беа крстени во името на Господа Исуса.
17 Тогаш апостолите положија над нив раце и тие Го примија Светиот Дух.
18 А Симон, кога виде дека Духот Свети се дава со полагање раце од апостолите, им донесе пари,
19 и им рече: „Дајте ми ја и мене таа власт, та над кого и да ги положам рацете, да Го прими Духот Свети!“
20 Но Петар му рече: „Среброто твое нека загине заедно со тебе, зашто помисли дека дарот Божји може да се стекне со пари.
21 Ти немаш дел ниту право на таа работа, бидејќи срцето твое не е право пред Бога.
22 Туку покај се за оваа зла намера и помоли Му се на Бога за да ти се прости помислата на срцето твое;
23 бидејќи те гледам дека си исполнет со горчлива жолчка и во окови на беззаконие.“
24 А Симон одговори: „Помолете Му се за мене на Господ вие, да не ме стигне ништо од она што рековте.“
25 И така, откако посведочија и зборуваа за словото Господово, тргнаа кон Ерусалим, проповедајќи го патем Евангелието во многу села самарјански.
26 А на Филип му рече ангел Господов: „Стани и тргни на југ, по патот што води од Ерусалим за Газа, кој е пуст.“
27 Тој стана и тргна; и ете, еден човек од Етиопија, евнух, висок достоинственик на Кандакија, етиопската царица, кој беше чувар на сите нејзини ризници. Тој дошол во Ерусалим на поклонение,
28 а сега се враќаше и, седејќи в кола, го читаше пророкот Исаија.
29 Духот, пак, му рече на Филип: „Приближи се и застани до колата!“
30 Филип побрза, и, откако чу дека тој го чита пророк Исаија, му рече: „Го разбираш ли тоа што го читаш?“
31 Овој одговори: „Како ќе можам да го разберам, ако некој не ме упати?“ Па го замоли Филип да се качи и да седне до него.
32 А местото од Писмото што го читаше, беше ова: „Како овца на клање беше одведен, и како што јагнето стои безгласно пред својот стригач, така и Тој устата Своја не ја отвори.
33 Во неговата понизност Тој беше лишен од праведен суд. А поколението Негово кој ќе го искаже? Зашто животот Негов се одзема од земјата.“
34 Тогаш Етиопјанецот проговори и му рече на Филип: „Те молам, за кого ова го зборува пророкот, за себе или за некој друг?“
35 А тогаш, Филип ја отвори устата своја, започнувајќи да му објаснува од тоа место во Писмото и да му благовести за Исус.
36 И одејќи така патем, тие стигнаа до една вода; и Етиопјанецот рече: „Еве вода! Што ми пречи да се крстам?“
37 А Филип му рече: „Ако веруваш од сѐ срце – можеш.“ Тој одговори и рече: „Верувам дека Исус Христос е Син Божји.“
38 И заповеда колата да запре, па слегоа во водата обајцата, и Филип и евнухот, и го крсти.
39 А кога излегоа од водата, Духот Свети се симна над евнухот, а ангел Господов го грабна Филип, па евнухот веќе не го виде. Тој радосно го продолжи својот пат.
40 Филип се најде во Азот, од каде што тргна во обиколка, проповедајќи го Евангелието по сите градови, додека не стигна во Кесарија.