1 Во тоа време цар Ирод стави рака на некои од Црквата, и почна да ги измачува.
2 Со меч го уби Јакова, братот Јованов.
3 А кога виде дека тоа им се допаѓа на Јудејците, го фати и Петар. Тоа беше за време на Бесквасници.
4 Него, кога го фати, го фрли в затвор предавајќи го на четири групи по четири војници да го пазат. Неговата намера беше веднаш по Пасхата да го изведе пред народот.
5 И така, додека Петар го пазеа во затворот, Црквата непрестано Му се молеше на Бога за него.
6 Ноќта, спроти денот кога Ирод сакаше да го изведе, Петар спиеше меѓу двајца војници, окован во два пара ланци, а стражарите пред портата го чуваа затворот.
7 И, ете, ангел Господов застана, и светлина блесна во затворот. Ангелот го потчукна Петар по ребрата и го разбуди, па му рече: „Стани брзо!“ И оковите му паднаа од рацете негови.
8 Тогаш ангелот му рече: „Препашај се и обуј си ги чевлите!“ Така и направи. И пак му рече: „Облечи ги алиштата свои и врви по мене!“
9 И излезе и тргна по него, а не знаеше дека тоа, што го направи ангелот, е вистина, туку си мислеше дека гледа привид.
10 Откако ја изминаа првата и втората стража, дојдоа до железната порта, што водеше кон градот, а таа им се отвори сама. Тие излегоа и преминаа преку една улица, и во тој час ангелот го снема.
11 Тогаш Петар, откако дојде на себе, си рече: „Сега знам дека навистина Господ го пратил Својот ангел да ме избави од рацете Иродови и од сѐ, што очекуваше јудејскиот народ.“
12 Сфаќајќи го тоа, тој дојде до куќата на Марија, мајката на Јован, наречен Марко, каде што беа собрани многумина на молитва.
13 А кога Петар затропа на портата, слугинката по име Рода пријде да наслушне.
14 И, штом го позна гласот на Петар, таа од радост не ја отвори портата, туку се втрча и јави дека Петар стои пред портата.
15 А тие ѝ рекоа: „Луда ли си ти?“ Но таа потврдуваше дека тоа е така. А тие велеа: „Тоа е сигурно неговиот ангел.“
16 Петар, пак, постојано чукаше. А кога му отворија, го видоа и се зачудија многу.
17 Тој им мавна со раката да молчат, а потоа им раскажа како Господ го извел од затворот, и рече: „Соопштете му за ова на Јаков и на браќата!“ Потоа излезе и отиде на друго место.
18 Утредента меѓу војниците настана голема вознемиреност поради тоа што се случило со Петар.
19 А Ирод, кој испрати потера по него, но не успеа да го пронајде, откако ги испита стражарите, заповеда да ги погубат. Потоа тој слезе од Јудеја во Кесарија, и таму се задржа.
20 Ирод беше гневен на Тирците и Сидонците. Но тие, бидејќи нивните земји добиваа храна од неговото царство, се договорија и дојдоа кај него еднодушни, и откако го придобија на своја страна Власта, царевиот собар, побараа мир.
21 Во договорениот ден Ирод, облечен во царска облека, седна на престолот и одржа говор пред народот.
22 А народот воскликнуваше: „Ова е глас Божји, а не човечки.“
23 Но ненадејно во истиот миг ангел Господов, силно го удри, зашто не Му воздаде слава на Бога. И, изеден од црви, тој умре.
24 А словото Божјо сѐ повеќе растеше и се распространуваше.
25 Варнава и Савле, откако го исполнија задолжението, од Ерусалим се вратија во Антиохија, од каде што го зедоа со себе и Јован, наречен Марко.