Дела 2 MK2006D

Педесетница – Излевање на Светиот Дух

1 Кога дојде денот Педесетница, сите апостоли беа заедно и на исто мес­то.

2 Тогаш ненадејно се создаде шум од небото, како силен ветар кога дува, и ја исполни целата куќа, каде што седеа.

3 И им се јавија јазици како од пламен, кои се разделуваа и се спуштија по еден над секого од нив посебно.

4 И сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат.

5 Тогаш во Ерусалим имаше Јудејци, побожни луѓе, од секој народ под не­бото.

6 Кога се создаде тој екот, народот кој се насобра многу се збуни, бидејќи секој ги слушаше како зборуваат на неговиот сопствен јазик.

7 И сите вџашени и восхитени, гово­реа: „Овие што зборуваат, зар не се сите Галилејци?

8 Па како тогаш слушаме како секој од нив зборува на нашиот мајчин јазик?

9 Парти, Мидијци, Еламити и жите­лите од Месопотамија, Јудеја и Капа­до­кија, од Понт и Азија,

10 Фригија, Памфилија, од Египет и од краиштата на Либија покрај Киринеја, па и привремено дојдените Римјани.

11 Како ние Јудејците, така исто и придојдените, Критјани и Арапи, еве слушаме како тие зборуваат за го­лемите дела Божји на нашите јазици?“

12 Сите се чудеа и во недоумение си зборуваа еден со друг: „Што ли ќе биде ова?“

13 А други, потсмевајќи се, велеа: „Се напиле со слатко вино!“

Беседата на Петар

14 Тогаш Петар стана со единаесетте, го подигна гласот свој и им рече: „Луѓе Јудејци и вие сите што живеете во Еру­салим, знајте го ова и внимателно слушнете ги моите зборови;

15 овие луѓе не се пијани, како што мислите вие, зашто е третиот час од денот:

16 но ова е претскажаното преку пророкот Јоил:

17 ‚И ете во последните дни, рече Бог, ќе излеам од Мојот Дух на секое тело и ќе пророкуваат синовите ваши и ќер­ки­те ваши, и младичите ваши ќе имаат ви­денија и старците ваши ќе сонуваат со­ништа.

18 И во тие дни, врз слугите Мои и слугинките Мои ќе излеам од Мојот Дух, и тие ќе пророкуваат.

19 И ќе покажам чудеса на небесата и знаци долу на земјата – крв, и оган, и чад.

20 Сонцето ќе се претвори во темнина, а месечината во крв, и тоа уште пред да настапи големиот и славен ден Гос­по­дов.

21 И тогаш, секој што ќе го повика името Господово, ќе се спаси.‘

22 Луѓе Израилци, слушнете ги овие зборови: Исус од Назарет, Човекот пос­ве­дочен пред вас од Бога со сили, чу­де­са и знаци, кои, како што и сами знаете, ги направи Бог преку Него,

23 предаден по определениот Божји план и предзнаење, вие Го фативте, Го распнавте со рацете на беззакониците и Го убивте.

24 Но Бог Го воскресна, откако Го ос­лободи од смртните маки, бидејќи смртта немаше сила да Го задржи.

25 Зашто Давид за Него вели: ‚Се­ко­гаш Го гледав Господа пред себе. Тој е од мојата десна страна, за да не се по­местам.

26 Затоа се развесели срцето мое и се возрадува јазикот мој; а уште и телото мое ќе почива во надеж;

27 зашто Ти нема да ја оставиш ду­ша­та моја во Адот, ниту, пак, ќе дозволиш Твојот праведник да види распаѓање.

28 Ти си ми ги покажал патиштата на животот; Ти ќе ме исполниш со радост преку лицето Свое.‘

29 Мажи браќа, нека ми е дозволено да ви зборувам слободно за прататкото Давид, дека тој умре и беше погребан, а гробот негов е меѓу нас сѐ до денеш­ни­ов ден.

30 Па, бидејќи беше пророк и знаејќи дека Бог му беше ветил со заклетва де­ка ќе Го подигне Христос од плодот на не­го­вите бедра на престолот Свој,

31 предвиде и кажа за воскресението на Христос дека нема да биде оставен во Адот и дека телото Негово нема да види распаѓање.

32 Овој Исус Го воскресна Бог. За тоа сме ние сите сведоци.

33 И затоа, Тој, откако беше воздигнат со десницата Божја и Го прими од Отецот ветувањето на Светиот Дух сега Го излеа. Тоа е она што го гледате сега вие и го слушате.

34 Зашто Давид не отиде на небесата, но самиот кажа: ‚Му рече Господ на мојот Господ: Седни од Мојата десна страна,

35 додека не ги поставам неприја­те­ли­те Твои во подножјето на нозете Твои.‘

36 И затоа, нека знае со сигурност си­от Израилев дом дека Оној Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Гос­под и Христос.“

Првите покрстувања

37 Кога го слушнаа тоа, им се растре­перија срцата, и му рекоа на Петар и на другите апостоли: „Луѓе браќа, што да правиме?“

38 А Петар им рече: „Покајте се и се­кој од вас да се крсти во името на Исус Христос за простување на гревовите; и тогаш ќе примите дар од Светиот Дух.

39 Зашто вам ви припаѓа она ветување и на вашите деца и на сите што се да­ле­ку, што ќе ги повика Господ, нашиот Бог.“

40 И со многу други зборови све­до­че­ше и ги молеше, велејќи: „Спасувајте се од овој пакостен род!“

41 И така оние што од срце ги примија неговите зборови, се крстија и се при­соединија во тој ден околу три илјади души.

Животот во првата христијанска заедница

42 И беа истрајни во учењето на апос­то­лите, во заедничкиот живот, во пре­кршувањето на лебот и во молитвите.

43 И страв ја обзеде секоја душа, заш­то многу чудеса и знаци се вршеа преку апостолите.

44 А сите што веруваа, беа заедно и сѐ им беше заедничко;

45 продаваа имоти и сопствености и на секого му раздаваа колку што му беше потребно.

46 И секој ден еднодушно престојуваа во храмот и, прекршувајќи леб по ку­ќи­те, се хранеа со радост и со чисто срце.

47 Го фалеа Бога и стекнуваа благо­нак­лонетост кај сите луѓе. А Господ се­кој ден ги придодаваше спасените кон нивното мноштво.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28