1 Во Антиохиската црква имаше некои пророци и учители: Варнава, Симеон, наречен Нигер, Луциј Киринеецот и Манаин, кој беше воспитан заедно со Ирод четворовласникот, и Савле.
2 Еднаш кога Му служеа на Господ и постеа, Духот Свети рече: „Одвојте ми ги Варнава и Савле за дело, за кое ги повикав!“
3 Тогаш тие, откако постеа и се помолија, положија раце над нив и ги пуштија.
4 И така, испратени од Светиот Дух, тие слегоа во Селевкија, и оттаму отпловија за Кипар.
5 И кога стигнаа во Саламин, тие го проповедаа словото Божјо во јудејските синагоги, а го имаа со себе и Јован како помошник.
6 А кога го поминаа островот сѐ до Пафос, наидоа на еден човек маѓесник и лажен пророк, Јудеец, по име Варисус,
7 кој беше со намесникот Сергиј Павле, човек умен. Тој ги повика Варнава и Савле, и посака да го слушне словото Божјо.
8 Но им се спротивстави Елима – маѓесникот, така всушност се преведува неговото име, настојувајќи намесникот да го одврати од верата.
9 Но Савле, наречен Павле, исполнет со Дух Свети, го впери погледот на него,
10 и рече: „О, ти кој си полн со секакво лукавство и злоба, сине ѓаволски, непријателу на секоја праведност, нема ли да престанеш да ги искривуваш правите Господови патишта?
11 И еве сега, раката Господова е врз тебе; ќе бидеш слеп и за некое време нема да го гледаш сонцето!“ И наеднаш над него падна мрак и темнина, и џбарајќи, бараше водач.
12 Тогаш намесникот, откако виде што се случи, поверува, восхитен од учењето Господово.
13 Павле и неговите придружници отпловија од Пафос и пристигнаа во Пергија Памфилиска. Тука Јован се одвои од нив и се врати во Ерусалим.
14 А тие тргнаа од Пергија и пристигнаа во Антиохија Писидиска. Тука во сабота влегоа во синагогата и седнаа.
15 По читањето на Законот и на Пророците, старешините на синагогата пратија луѓе да им кажат: „Мажи браќа, ако имате зборови за утеха на народот, зборувајте!“
16 И тогаш стана Павле, мавна со раката и рече: „Луѓе Израилци, и вие, што имате страхопочит кон Бога, послушајте!
17 Бог на овој народ, Израил, ги избра татковците наши, и го подигна овој народ кога тие пребиваа во земјата египетска, и со раката Своја силна ги изведе од неа;
18 и околу четириесет години ги хранеше во пустината;
19 а потоа откако уништи седум народи во земјата хананска, со ждрепка им ја раздели земјата во нивно наследство.
20 За околу четиристотини педесет години им даваше судии до пророкот Самоил.
21 А потоа бараа цар, и Бог им го даде Саул, Кисовиот син, човек од Венијаминовото колено, за четириесет години.
22 Кога го отстрани него, за цар им го подигна Давид, за кого и рече, сведочејќи: ‚Најдов маж по срцето Свое, Давид, синот Јесеев. Тој ќе ги исполни сите Мои барања.‘
23 Од неговото потомство Бог, според ветувањето, Го издигна за Израил Спасителот Исус.
24 Пред Неговото доаѓање Јован како предгласник му проповедаше на сиот израилски народ покајно крштевање.
25 А кога Јован го завршуваше своето дело, прашуваше: ‚За кого ме сметате? Јас не сум Тој, но, ете, по мене иде Оној, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ни обувките на Неговите нозе.‘
26 Мажи браќа, синови од родот на Авраам, оние меѓу вас, што имаат страхопочит кон Бога, нам ни е испратено словото на ова спасение.
27 Всушност жителите ерусалимски и нивните началници, бидејќи не Го препознаа, ги потврдија пророчките зборови, што се читаат секоја сабота, со тоа што Го осудија.
28 И така, иако не најдоа никаква вина за осуда на смрт, побараа од Пилат да Го убие.
29 А кога го извршија сето тоа, што беше напишано за Него, Го симнаа од крстот и Го положија в гроб.
30 Но Бог Го воскресна од мртвите.
31 А Тој во текот на многу дни им се јавуваше на оние, што со Него дојдоа од Галилеја во Ерусалим и кои се сега сведоци Негови пред народот.
32 И ние сега ви благовестуваме дека ветувањето, дадено на нашите татковци, Бог го исполни на нас, чедата нивни, откако Го воскресна Исус.
33 Како што е во вториот псалм напишано: ‚Син Мој си Ти, денес Те родив Јас.‘
34 А дека Го воскресна од мртвите, и дека веќе нема да се враќа во распаѓање, рекол вака: ‚Ќе ви ги дадам сигурните ветувања дадени на Давид.‘
35 За тоа и на друго место зборува: ‚Нема да допуштиш Твојот светец да види распаѓање.‘
36 А навистина Давид, откако му служеше на својот род, според Божјата волја, се присоедини кон татковците и виде распаѓање;
37 но Оној, Кого Бог Го воскресна, не виде распаѓање.
38 И така, знајте, мажи и браќа дека преку Него вам ви се проповеда простување на гревовите.
39 И од сѐ, од што не сте можеле да се оправдате преку Законот Мојсеев, преку Него се оправдува секој кој верува.
40 Затоа внимавајте да не дојде на вас она што е речено во Пророците:
41 ‚Погледнете вие кои презирате, зачудете се и исчезнете! Зашто во ваше време ќе извршам дело, во кое немаше да поверувате, ако некој би ви го раскажал.‘“
42 А кога излегуваа Јудејците од синагогата, незнабошците ги помолија овие зборови да им се проповедаат и во следната сабота.
43 И кога се распушти собирот, мнозина Јудејци и побожни прозелити појдоа по Павле и Варнава. Тие разговараа со нив и им советуваа да останат во Божјата благодат.
44 Следната сабота се собра скоро целиот град да го слушне словото Божјо.
45 Но Јудејците, кога видоа многу народ, се исполнија со завист и му противречеа на она што го зборуваше Павле и хулеа.
46 Тогаш Павле и Варнава им рекоа отворено: „Словото Божјо требаше најнапред вам да ви се проповеда, но кога вие го отфрлате и сами покажувате дека не сте достојни за вечниот живот, затоа, еве, ние се обраќаме кон незнабошците.
47 Зашто Господ така ни заповеда: ‚Те поставив за светлина на незнабошците, да бидеш спасение до крајот на земјата.‘“
48 Незнабошците, слушајќи го тоа, се радуваа и го славеа словото Господово и поверуваа сите, кои беа определени за живот вечен.
49 И словото Господово се распространуваше по целиот крај.
50 Но Јудејците, откако ги наговорија побожните и чесните жени и градските првенци, поттикнаа гонење против Павле и Варнава, и ги истераа од својот крај.
51 Тие, го истресоа правот од нозете свои на нив, и дојдоа во Иконија.
52 А учениците се исполнија со радост и Дух Свети.