1 Минувајќи преку Амфипол и Аполонија, дојдоа во Солун, каде што имаше јудејска синагога.
2 Павле, по својот обичај, влезе кај Јудејците и три саботи по ред им зборуваше од Писмото.
3 Тој им објаснуваше и докажуваше дека Христос требаше да пострада и да воскресне од мртвите и дека овој Исус, Кого тој им Го проповеда, е Христос.
4 И некои од нив поверуваа и се присоединија кон Павле и Сила, – големо мнозинство богобојазливи Елини, а исто така и не малку угледни жени.
5 Но некои од Јудејците што не поверуваа, поттикнати од завист, зедоа некои лоши луѓе од пазарите, се насобраа по групи и го разбунтуваа градот. Потоа ја нападнаа Јасоновата куќа и почнаа да ги бараат за да ги изведат пред народот.
6 А бидејќи не ги најдоа, го изведоа Јасон и некои браќа пред градските началници и викаа дека оние што го побуниле целиот свет сега дошле и тука, дека нив
7 ги прибрал Јасон, а сите тие постапуваат против заповедите на царот, изјавувајќи дека има друг цар – Исус.
8 Така го вознемирија народот и градските началници, кои го слушаа тоа.
9 Но тие, откако добија залог од Јасон и од другите, ги пуштија.
10 А браќата веднаш преку ноќта ги упатија Павле и Сила кон Верија. Тие кога пристигнаа, отидоа во јудејската синагога.
11 Овие беа поблагородни од солунјаните; тие го примија словото со голема усрдност и секој ден го проверуваа Писмото, за да се уверат, дали е тоа така.
12 И мнозина од нив поверуваа – од Елините не мал број угледни мажи и жени.
13 Но солунските Јудејци, штом дознаа дека Павле и таму го проповеда словото Божјо, дојдоа и таму за да го потресат и вознемират народот.
14 Тогаш браќата го испратија Павле да оди кон морето, а Сила и Тимотеј останаа таму.
15 Оние, што го придружуваа Павле, го доведоа до Атина и се вратија со заповед од него до Сила и Тимотеј, да дојдат и тие поскоро кај него.
16 И додека ги чекаше нив во Атина, духот на Павле се вознемируваше, гледајќи го градот, полн со идоли.
17 И тој расправаше во синагогата со Јудејците и побожните, и секој ден на плоштадот со оние што ќе ги сретнеше.
18 А некои епикурејски и стоички филозофи почнаа да се препираат со него; едни велеа: „Што сака да каже овој празнословец?“, а други: „Се чини дека тој проповеда туѓи божества“, зашто им благовестеше за Исус и за воскресението.
19 И зедоа, та го одведоа на Ареопагот, велејќи: „Ќе можеме ли да знаеме какво е тоа учење што го проповедаш?
20 Бидејќи нешто непознато внесуваш во ушите наши. Затоа сакаме да знаеме што е тоа.“
21 А, пак, сите атињани, како и туѓинците, кои живееја кај нив, во ништо друго не сакаа да го поминуваат времето освен во тоа да зборуваат или да слушаат за нешто ново.
22 Тогаш Павле застана сред Ареопагот и рече: „Луѓе атињани, по сѐ гледам дека сте побожни.
23 Зашто, кога минував и ги разгледував светилиштата ваши, најдов и жртвеник, на кој беше напишано: ‚На непознатиот Бог.‘ За Него, пак, Кого вие не Го знаете, а Кого Го почитувате, за Него јас ви проповедам.
24 Бог, Кој го создаде светов и сѐ, што е во него; Тој, Кој е Господ на небото и на земјата, не живее во ракотворени храмови,
25 ниту, пак, прима служба од човечки раце како да има потреба од нешто, но Сам на сите им дава живот, здив и сѐ.
26 Од една крв го создаде сиот род човечки за да живее по целото лице на земјата, откако утврди предопределени времиња и граници на нивните живеалишта,
27 за да Го бараат Господа, та да би можеле некако да Го насетат и најдат, иако Тој не е далеку од секого меѓу нас:
28 зашто ние преку Него живееме, се движиме и постоиме, како што рекле и некои од вашите стихотворци: ,Негов род сме.‘
29 И така, бидејќи род Божји сме, не треба да мислиме дека Божеството прилега на злато, или сребро, или камена творба што излегла од човечки ум и измислица.
30 Бог, пак, не осврнувајќи се на времињата на незнаење, сега редум им заповеда на сите луѓе да се покаат,
31 зашто определи ден кога праведно ќе му суди на светот преку одредениот од Него Човек, откако ги увери сите со Неговото воскресение од мртвите.“
32 Кога чуја за воскресението од мртвите, едни се насмеаја, а други рекоа: „Другпат сакаме да послушаме за тоа.“
33 И тогаш Павле си отиде од нив.
34 А некои луѓе се присоединија кон него и поверуваа. Меѓу нив беше Дионисиј Ареопагит и една жена, по име Дамара, и други со нив.