Дела 22 MK2006D

1 „Мажи браќа и татковци! Пос­лушајте ја сега мојата одбрана пред вас.“

2 А кога слушнаа дека им зборува на еврејски јазик, уште повеќе замолкнаа. Тогаш тој рече:

3 „Јас сум Јудеец, родум од Тарс Киликиски, но воспитан во овој град кај нозете Гамалиилови, поучен точно спо­ред Законот на татковците и ревнител за Бога, како што сте и вие сите денес.

4 До смрт ги гонев јас приврзаниците на тоа учење, врзувајќи и предавајќи во затвор и мажи и жени.

5 За тоа може да посведочи прво­свеш­теникот и целото старешинство. Од нив примав и писма за браќата и одев во Да­маск, да ги доведам во Ерусалим и оние кои беа таму врзани, за да бидат каз­не­ти.

Павле раскажува за своето обраќање

6 Но, кога бев на пат и наближив кон Дамаск, околу пладне, одеднаш од не­бото ме осветли силна светлина.

7 Јас паднав наземи и слушнав глас, кој ми зборуваше: ‚Савле, Савле, зошто Ме гониш?‘

8 Јас, пак, одговорив: ‚Кој си ти, Гос­поди?‘ А Тој ми рече: ‚Јас сум Исус од Назарет, Кого ти Го гониш.‘

9 Оние, кои беа со мене, ја видоа свет­лината и се уплашија; но гласот на Оној, Кој ми зборуваше, не го слушнаа.

10 Тогаш реков: ‚Што да правам, Гос­поди?‘, А Господ ми рече: ‚Стани и оди во Дамаск, и таму ќе ти биде речено сѐ, што ти е одредено да правиш.‘

11 И бидејќи од болскотот на таа свет­лина не можев да гледам, ме поведоа за рака оние, кои беа со мене, и така ме одведоа во Дамаск.

12 А некој си Ананија, маж бла­го­чес­тив според Законот, со добро име меѓу сите Јудејци во Дамаск,

13 дојде кај мене, застана и ми рече: ‚Брате Савле, прогледај!‘ И јас во тој миг прогледав и погледнав кон него.

14 Тој ми рече: ‚Бог на нашите татковци те определил да ја познаеш Неговата волја, да Го видиш Праведникот и да слушнеш глас од устата Негова,

15 зашто ќе Му бидеш сведок пред си­те луѓе за она што си видел и слушнал.

16 И сега, зошто се задржуваш? Ста­ни, крсти се и очисти ги гревовите свои, повикувајќи го името на Господ Исус.‘

Павле раскажува како бил испратен кај оние кои не се Јудејци

17 А кога се вратив во Ерусалим и се молев во храмот, токму кога бев во занес,

18 Го видов како ми вели: ‚Побрзај, из­лези од Ерусалим поскоро, зашто нема да го примаат твоето сведоштво за Ме­не!‘

19 Јас, пак, одговорив: ‚Господи, тие знаат дека јас ги затворав и биев по си­на­гогите оние, кои веруваа во Тебе;

20 и кога се проливаше крвта на Сте­фан, Твојот сведок, таму стоев и јас и го одобрував неговото убиство, пазејќи ги алиштата на оние што го убиваа.‘

21 И ми рече: ‚Оди! Јас те праќам да­леку – кај незнабошците.‘“

Павле и римскиот заповедник

22 И сѐ до овој збор тие го слушаа, но потоа го издигнаа гласот свој и почнаа да викаат: „Тргни го од земјата таков! Тој не треба да живее!“

23 И бидејќи тие вревеа, мавтаа со алиштата свои, та креваа прав во воздухот,

24 заповедникот нареди да го водат во тврдината и порача да го испитуваат со камшикување, за да дознае зошто така викаат против него.

25 Но, кога го растегнаа со ремења за да го камшикуваат, Павле му рече на стотникот, кој стоеше таму: „Зар ви е дозволено да камшикувате римски гра­ѓанин, и тоа без пресуда?“

26 Кога го слушна тоа стотникот, оти­де да го извести заповедникот, па му ре­че: „Што мислиш да правиш? Овој чо­век е римски граѓанин!“

27 Тогаш заповедникот се приближи до него и рече: „Кажи ми, римски гра­ѓанин ли си ти?“ Тој одговори: „Да.“

28 А заповедникот рече: „Тоа гра­ѓан­ско право јас сум го стекнал за многу големи пари.“ Павле пак рече: „А јас сум се родил како таков.“

29 И веднаш отстапија од него оние, кои сакаа да го испитуваат. А заповед­ни­кот, кога дозна дека е тој римски гра­ѓанин, се уплаши зашто го беше врзал.

Павле пред врховниот суд

30 На вториот ден, кога сакаше да дознае за што всушност го обвинуваат Јудејците, го ослободи од оковите и запо­веда да дојдат првосвештениците и це­лиот нивен Синедрион, па го доведе долу Павле и го исправи пред нив.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28