1 Додека Аполос беше во Коринт, Павле откако мина низ горните земји, дојде до Ефес. Таму сретна некои ученици,
2 и им рече: „Кога поверувавте, примивте ли Дух Свети?“ А тие му одговорија: „Ние не сме ни слушнале дека има Дух Свети.“
3 Тој им рече: „А како бевте крстени?“ Тие одговорија: „Со Јовановото крштение.“
4 Павле рече: „Јован крштеваше со покајно крштевање, велејќи му на народот да верува во Оној, Кој иде по него, односно во Исус Христос.“
5 Кога го слушнаа тоа, тие се крстија во името на Господа Исуса.
6 И кога Павле ги положи рацете над нив, слезе Духот Свети на нив. Тогаш тие почнаа да зборуваат на разни јазици и да пророкуваат.
7 А вкупно беа околу дванаесет души.
8 Потоа Павле влезе во синагогата, и тука три месеци смело проповедаше и расправајќи ги уверуваше за царството Божјо.
9 Но, бидејќи имаше некои жестоки противници на верата, кои говореа лошо за патот Господов пред народот, Павле се оддели од нив, ги одвои учениците и секојдневно расправаше во училиштето на некој си Тиран.
10 Тоа траеше цели две години, така што сите жители на Азија, како Јудејците, така и Елините, можеа да го слушаат словото за Господ Исус.
11 А Бог правеше многу чудеса преку рацете Павлови,
12 така што врз болните полагаа крпи и шамивчиња за пот, што го беа допреле неговото тело, и болестите ги напуштаа, а злите духови излегуваа од нив.
13 Некои, пак, од Јудејците кои лутаа наоколу и ги истеруваа злите духови, се обидоа да го повикаат името на Господ Исуса над оние кои беа обземени со демони, и велеа: „Ве заколнуваме во Исус, Кого Го проповеда Павле!“
14 Тоа го правеа седумте синови на јудејскиот првосвештеник Скева.
15 А лошиот дух одговори и рече: „Исус Го познавам и Павле го знам; но кои сте вие?“
16 И скокна на нив човекот, во кого имаше лош дух, и, откако ги совлада, покажа против нив таква сила, што тие, голи и ранети, побегнаа од таа куќа.
17 За тоа разбраа сите Јудејци и Елини, кои живееја во Ефес, и сите нив ги спопадна страв; и името на Господа Исуса се величаше.
18 И многумина од верниците доаѓаа, та се исповедуваа и ги откриваа своите дела.
19 А мнозина од оние, кои правеа магии, собирајќи ги книгите свои, ги гореа пред сите; дури ја пресметаа и нивната цена и најдоа дека чинат до педесет илјади сребреници.
20 Така моќно растеше и се засилуваше словото Господово.
21 А кога се сврши тоа, Павле науми, откако ќе ја мине Македонија и Ахаја, да оди во Ерусалим, па рече: „Штом ќе бидам таму, ќе треба да го видам Рим.“
22 И прати во Македонија двајца свои прислужници – Тимотеј и Ераст, а сам остана извесно време во Азија.
23 Во тоа време се создаде голем бунт против патот Господов:
24 некој си златар, по име Димитриј, кој правеше сребрени храмови за Артемида и на занаетчиите им овозможуваше со тоа не мала заработувачка,
25 ги повика нив, а и други работници кои работеа околу такви работи, и им рече: „Другари, познато ви е дека од таа работа зависи нашата благосостојба.
26 А, гледате и слушате дека не само во Ефес, туку скоро во цела Азија, тој Павле убеди и заведе доста народ, велејќи дека не се богови оние што се прават со човечки раце.
27 Затоа постои опасност не само нашиот занает да биде презрен, туку и храмот на великата божица Артемида да се смета за безвреден, и да загине величието на онаа, која ја почитува цела Азија и вселената.“
28 Кога го слушнаа тоа, се исполнија со гнев, и почнаа да извикуваат велејќи: „Велика е Артемида Ефеска!“
29 И целиот град се побуни; еднодушно се втрчаа во театарот, влечејќи ги со себе Македонците Гај и Аристарх, Павловите сопатници.
30 А кога Павле сакаше да влезе меѓу народот, учениците не го пуштија.
31 Исто така и некои од азиските началници, бидејќи му беа пријатели, испратија кај него и го молеа да не се појавува во театарот.
32 И така, едни извикуваа едно, други – друго; зашто меѓу насобраните владееше безредие, и повеќето од нив не знаеја за што се беше собрал народот.
33 По предлог на Јудејците беше извикан меѓу народот Александар. Александар даде знак со рака, сакајќи да одржи одбрамбен говор пред народот.
34 Но кога дознаа дека е Јудеец, сите извикаа во еден глас и почнаа да викаат околу два часа: „Велика е Артемида Ефеска!“
35 А градскиот писар, кога го смири народот, рече: „Луѓе ефесци, кој човек не знае дека градот Ефес е чувар на великата божица Артемида и нејзиниот кип паднат од небото?
36 Штом е тоа, пак, неспорно, вие треба да бидете мирни и да не правите ништо непромислено.
37 А вие сте ги довеле овие луѓе, кои ниту храмот на Артемида го ограбиле, ниту, пак, божицата ваша ја хулат.
38 Ако, пак, Димитриј и занаетчиите, што се со него, имаат нешто против некого, за тоа постојат судски собири, а има и проконзули: нека се тужат едни со други.
39 Ако, пак, нешто друго барате, тоа ќе биде решено во законското собрание.
40 Зашто постои опасност да бидеме обвинети за бунт поради денешнава работа, бидејќи нема никаква причина, со која можеме да го оправдаме овој собир.“ Штом го рече тоа, го распушти собирот.