1 Еден ден Петар и Јован заедно отидоа во храмот во деветтиот час, часот за молитва.
2 Таму имаше еден човек, сакат уште од раѓање. Него го носеа секој ден и го поставуваа пред портата на храмот наречена Красна, за да проси милостина од оние што влегуваа во храмот.
3 Тој, кога ги здогледа Петар и Јован кои сакаа да влезат во храмот, запроси милостина и од нив.
4 А Петар, заедно со Јован, го впери кон него погледот и му рече: „Погледни во нас!“
5 И тој ги гледаше внимателно, очекувајќи да добие нешто од нив.
6 Но Петар рече: „Сребро и злато јас немам, а што имам, тоа ти давам: во името на Исус Христос од Назарет стани и оди!“
7 И само што го фати за десната рака, го исправи, а нему веднаш му се зацврснаа стапалата и глуждовите;
8 па скокна, се исправи и почна да оди. Тогаш влезе во храмот заедно со нив скокајќи и фалејќи Го Бога.
9 И сиот народ го гледаше како оди и како Го слави Бога.
10 Луѓето го познаа дека тој беше оној истиот што седеше пред портата на храмот наречена Красна, поради милостина; и беа полни со восхит и вчудоневиденост за она што се случи.
11 И бидејќи оздравениот сакат човек цврсто се држеше за Петар и Јован, кон нив дотрча вчудовиден сиот народ во тремот, наречен Соломонов.
12 А Петар, штом го виде тоа, му рече на народот: „Луѓе Израилци, што се чудите на ова, и што сте се загледале во нас, како со своја сила или побожност да направивме овој да прооди?
13 Бог Авраамов, Исаков и Јаковов, Бог на татковците наши Го прослави својот Син Исус, Кого вие Го предадовте и од Кого се одрековте пред лицето на Пилат, кога тој реши да Го пушти.
14 Но вие се одрековте од Светиот и Праведниот и побаравте да ви се ослободи човек убиец,
15 а Го убивте Зачетникот на животот, Кого Бог Го воскресна од мртвите; за тоа сме ние сведоци.
16 И поради верата во Неговото име, овој, кого вие го гледате и познавате, го потврди името Негово; а верата во Него го исцели и овој човек пред сите вас.
17 А сега, браќа, знам дека вие тоа го направивте од незнаење како и вашите началници.
18 А Бог, она што однапред го навести преку устата на сите пророци Свои, односно дека Христос ќе пострада, тоа и го исполни.
19 Покајте се, пак, и обратете се, за да се очистите од гревовите ваши,
20 за да дојдат од Господа времиња за освеување и Тој да ви Го прати вам претскажаниот Исус Христос,
21 Кого небото треба да Го прими до она време, кога ќе се воспостави сѐ што беше рекол Бог преку устата на сите Свои пророци од создавањето на светот.
22 Мојсеј им беше рекол на татковците: ‚Господ Бог ваш од браќата ваши ќе ви издигне Пророк како мене; Него послушајте го за сѐ што ќе ви рече!‘
23 И секој што не ќе Го послуша тој Пророк, ќе биде истребен од народот.
24 А сите пророци што пророкуваа, од Самоил, па и оние по нив, го навестуваа исто така и ова време.
25 Вие сте синови на пророците и на заветот што Бог го беше направил со вашите предци, велејќи му на Авраам: ‚И во потомството твое ќе бидат благословени сите народи на земјата.‘
26 Бог, откако Го воздигна Својот Слуга, најнапред вам ви Го прати за да ве благослови, та секој од вас да се одврати од својата злоба.“