1 Кога учениците се намножија, елинизираните Јудејци се побунија против Евреите зашто при секојдневното делење храна не биле пригледувани нивните вдовици.
2 Тогаш Дванаесетте, го свикаа целото мноштво ученици, и рекоа: „Не е добро ние да го оставиме словото Божјо и да послужуваме на трпезите.
3 Затоа, браќа, одберете меѓу вас седуммина чесни луѓе, исполнети со Дух и мудрост, па ќе ги поставиме на таа служба;
4 а ние целосно ќе ѝ се посветиме на молитвата и на службата на словото.“
5 Предлогот му се допадна на сиот народ; па ги одбраа: Стефан, човек исполнет со вера и Дух Свети, Филип, Прохор, Никанор, Тимон, Пармена, Николај, еден новопридојден од Антиохија;
6 нив ги поставија пред апостолите, а тие, откако се помолија, ги положија рацете над нив.
7 И така, словото Божјо се ширеше, и бројот на учениците во Ерусалим се зголемуваше; и големо мноштво свештеници ѝ се покори на верата.
8 А Стефан, исполнет со вера и сила, правеше големи чудеса и знаци меѓу луѓето.
9 Тогаш се кренаа некои припадници на синагогата, наречена синагога на Либертините, на Киринејците и Александријците, како и на оние што беа од Киликија и Азија, и почнаа да се препираат со Стефан;
10 но не можеа да се спротивстават на мудроста и Духот со кои тој зборуваше.
11 Затоа тајно подучија некои луѓе да речат: „Го чувме дека хули на Мојсеј и на Бога.“
12 Така го надразнија народот, старешините и книжниците. Потоа пристапија кон него, го зграпчија и го одведоа во Синедрионот.
13 Таму поставија лажни сведоци, кои рекоа: „Овој човек постојано хули на ова свето место и на Законот.
14 Го слушнавме како зборува дека Исус од Назарет, Тој ќе го разруши ова место и ќе ги измени обичаите што ни ги предаде Мојсеј.“
15 Тогаш сите што беа во Синедрионот го вперија погледот во него и видоа дека лицето негово му беше како лице на ангел.