33 Затоа јас веднаш пратив луѓе по тебе, и ти добро направи што дојде. Сега, пак, ние сите стоиме пред Бога за да слушнеме сѐ што ти е од Бога заповедано.“
34 Тогаш Петар ја отвори устата и рече: „Навистина сфаќам дека Бог не гледа на лице;
35 туку, напротив, Нему му е мил во секој народ оној кој има страхопочит кон Него и постапува праведно.
36 Тој им го прати на синовите Израилеви словото, благовестувајќи мир преку Исус Христос, Кој е Господ на сите.
37 Вие знаете за сето она што се случуваше по цела Јудеја, почнувајќи од Галилеја, по крштевањето што го проповедаше Јован:
38 како Го помаза Бог со Дух Свети и со сила Исус од Назарет, и како Тој одеше вршејќи добри дела и исцелувајќи ги сите што беше ги нападнал ѓаволот, зашто Бог беше со Него.
39 И ние сме сведоци за сѐ што направи Тој во земјата Јудејска и во Ерусалим. Него Го убија, приковувајќи Го на крст.