19 А оние, што се беа распрснале поради гонењето до кое дојде по убиството на Стефан, стигнаа сѐ до Феникија, Кипар и Антиохија, и никому не му го проповедаа словото, освен на Јудејците.
20 А некои од нив – Кипрани и Киринејци, штом пристигнаа во Антиохија, почнаа да им проповедаат и на Елините, навестувајќи го Евангелието на Господа Исуса.
21 И раката Господова беше со нив, та голем број луѓе поверуваа и се обратија кон Господа.
22 Веста за тоа дојде до ушите на црквата ерусалимска. И тогаш го испратија Варнава да оди во Антиохија.
23 А тој, кога пристигна, ја виде благодатта Господова, се зарадува, и ги бодреше сите да пребиваат во Господ со непоколебливо срце.
24 Тој беше добар човек и исполнет со Дух Свети и вера. И значително мноштво луѓе се припои кон Господ.
25 Потоа, Варнава тргна за Тарс да го бара Савле.