9 Преку ноќта Павле имаше видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: „Дојди во Македонија и помогни ни!“
10 По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи сфативме дека Господ нѐ повикал таму да го разгласуваме Евангелието.
11 И така, откако отпловивме од Троада, стигнавме право во Самотраки, а утредента – во Неапол,
12 и оттаму во Филипи. Тој е главен град во тој дел на Македонија и римска колонија. Во тој град престојувавме неколку дена.
13 А во саботата излеговме надвор од градот покрај една река, каде што имаа обичај да се молат, и кога седнавме, им зборувавме на собраните жени.
14 И една богобојазлива жена од градот Тиатир, по име Лидија, која продаваше црвени ткаенини, слушаше; и Господ ѝ го отвори срцето да внимава на она, што го зборуваше Павле.
15 А кога беше крстена таа и нејзините домашни, нѐ замоли и рече: „Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете во мојата куќа и престојувајте во неа!“ И нѐ принуди.