21 А, пак, сите атињани, како и туѓинците, кои живееја кај нив, во ништо друго не сакаа да го поминуваат времето освен во тоа да зборуваат или да слушаат за нешто ново.
22 Тогаш Павле застана сред Ареопагот и рече: „Луѓе атињани, по сѐ гледам дека сте побожни.
23 Зашто, кога минував и ги разгледував светилиштата ваши, најдов и жртвеник, на кој беше напишано: ‚На непознатиот Бог.‘ За Него, пак, Кого вие не Го знаете, а Кого Го почитувате, за Него јас ви проповедам.
24 Бог, Кој го создаде светов и сѐ, што е во него; Тој, Кој е Господ на небото и на земјата, не живее во ракотворени храмови,
25 ниту, пак, прима служба од човечки раце како да има потреба од нешто, но Сам на сите им дава живот, здив и сѐ.
26 Од една крв го создаде сиот род човечки за да живее по целото лице на земјата, откако утврди предопределени времиња и граници на нивните живеалишта,
27 за да Го бараат Господа, та да би можеле некако да Го насетат и најдат, иако Тој не е далеку од секого меѓу нас: