33 И затоа, Тој, откако беше воздигнат со десницата Божја и Го прими од Отецот ветувањето на Светиот Дух сега Го излеа. Тоа е она што го гледате сега вие и го слушате.
34 Зашто Давид не отиде на небесата, но самиот кажа: ‚Му рече Господ на мојот Господ: Седни од Мојата десна страна,
35 додека не ги поставам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои.‘
36 И затоа, нека знае со сигурност сиот Израилев дом дека Оној Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Христос.“
37 Кога го слушнаа тоа, им се растреперија срцата, и му рекоа на Петар и на другите апостоли: „Луѓе браќа, што да правиме?“
38 А Петар им рече: „Покајте се и секој од вас да се крсти во името на Исус Христос за простување на гревовите; и тогаш ќе примите дар од Светиот Дух.
39 Зашто вам ви припаѓа она ветување и на вашите деца и на сите што се далеку, што ќе ги повика Господ, нашиот Бог.“