15 А кога отпловивме оттаму, на вториот ден застанавме спроти Хиос, а следниот ден стигнавме во Самос и, откако престојувавме во Трогилија, на вториот ден дојдовме во Милит.
16 Во тоа време Павле реши да помине покрај Ефес, та да не се задржи многу во Азија, зашто се брзаше да биде во Ерусалим на денот на Педесетница.
17 Но од Милит прати во Ефес да ги повика црковните старешини.
18 И кога дојдоа кај него, тој им рече: „Вие знаете дека од првиот ден, откако дојдов во Азија, го минував времето со вас,
19 служејќи Му на Господ со голема понизност и многу солзи, во искушенија, што ми се случуваа заради лошите замисли на Јудејците;
20 дека не пропуштив да ви соопштам ништо од она што е полезно и да ве поучувам на јавни места и по куќите,
21 сведочејќи им сериозно и на Јудејците и на Елините за покајание пред Бога и вера во нашиот Господ Исус Христос.